Кина ги укинува визите; „Целта е да се отвориме кон светот“

Кина денеска објави дека почнувајќи од 1 декември, ќе дава безвизен влез на граѓаните од пет европски земји и Малезија, за да ги поттикне деловните и туристичките патувања.

Граѓаните на Франција, Германија, Италија, Шпанија, Холандија и Малезија ќе можат да престојуваат во Кина до 15 дена без виза, а оваа пробна мерка ќе важи една година.

Целта на мерката е „да се олесни висококвалитетниот развој на размената на кинески и странски персонал и да се отвори кон надворешниот свет“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Строгите мерки наметнати од Кина за борба против пандемијата на коронавирус бараат задолжителен карантин за сите што влегуваат во земјата, обесхрабрувајќи многумина да патуваат.

Пекинг ги укина тие мерки претходно оваа година, но меѓународното патување сè уште не се врати на нивоата пред пандемијата.

Кина претходно им дозволи на граѓаните на Брунеи, Јапонија и Сингапур да влезат во земјата без визи, но ги повлече тие мерки поради пандемијата. По пандемијата, Пекинг повторно го воведе безвизниот режим за Брунеи и Сингапур, но не и за Јапонија.