Кина и Русија се согласија да ги унапредат воените врски на „повисоко ниво“

– Кина и Русија денес се согласија да ги унапредат своите воени врски на „повисоко ниво“.

Министерството за одбрана на Кина објави дека речиси еден месец откако е именуван за нов министер за одбрана на Кина, Донг Џун денес ја одржа својата прва видеосредба со рускиот колега Сергеј Шојгу, при што и двете страни се согласиле „континуирано да ја прошируваат својата практична соработка и да ги унапредат воените врски на високо ниво“.

„Кинеската и руската војска мора да имплементираат важен консензус што го постигнаа двајцата шефови на држави, одлучно да одговорат на глобалните предизвици, континуирано да ја зајакнуваат меѓусебната стратегиска доверба и да придонесат во продлабочувањето на односите меѓу Кина и Русија“, истакна Донг.

Констатирано е дека оваа година се навршуваат 75 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Кина и Русија.

Поранешниот командант на морнарицата Донг дојде на местото на генералот Ли Шангфу кој беше сменет во октомври минатата година.