Кина ја постигна зацртаната цел

Кина отвори 12,44 милиони нови урбани работни места минатата година, исполнувајќи ја претходно поставената цел, соопшти денеска Министерството за човечки ресурси.

Но, се додава дека треба да се направат повеќе напори за да се поттикне вработувањето во оваа 2024 година поради неизвесните економски услови.

Кина постави цел да создаде околу 12 милиони урбани работни места во 2023 година, додека овогодинешната цел се очекува да биде објавена во март, пренесува Ројтерс.

„Економските перформанси на Кина станаа понеизвесни со слабите социјални очекувања во 2024 година“, рече Џун Донглаи, заменик-директор на Одделот за поттикнување на вработувањето во министерството, додавајќи дека притисокот врз целокупното вработување нема да се намали оваа година и дека ќе биде неопходно да се направат повеќе напорите за стабилизирање на невработеноста.

Според Јун, оваа година Кина ќе фокусира повеќе внимание на приоритетните цели, како што е зајакнувањето на поддршката за вработување на младите луѓе, вклучително и оние кои штотуку дипломирале на факултет, како и проширување на можностите за нивно вработување.

Во Кина се` поголем број млади луѓе со факултетски дипломи мака мачат да најдат работа, а во јуни минатата година е забележана рекордна стапка на невработеност кај младите од 21,3 отсто. Според Кинеското Национално биро за статистика, стапката на невработеност кај младите на возраст од 16 до 24 години, со исклучок на студентите, била 14,9 отсто во декември.

Кина, втората по големина економија во светот, минатата година порасна за 5,2 отсто, исполнувајќи ја целта на владата, но беше притисната од продолжениот пад на пазарот на домување, слабата моќ на потрошувачите и ослабената деловна доверба, како и зголемениот долг на локалната самоуправа.

Многу компании претпазливо пристапуваат кон прашањето за зголемување на бројот на вработени, поради што, според податоците, стапката на невработеност на ниво на цела Кина се зголемила за 0,1 отсто во декември од 5 отсто во ноември.

Сепак, податоците покажуваат дека во изминатата 2023 година, невработеноста во Кина падна на 5,2 отсто во споредба со 2022 година, кога 5,6 отсто од граѓаните на земјата беа без работа.