Луѓето со белодробни заболувања се меѓу најранливите на климатските промени, изјавија група експерти за респираторни болести, повикувајќи на итна акција за запирање на климатските промени и намалување на загадувањето на воздухот.
Високите температури, променливите временски обрасци, зголемувањето на полен и други алергени, како и шумските пожари, бури со прашина и сообраќајот базиран на фосилни горива, ги влошуваат постоечките респираторни услови или може да создадат нови.
Влијанието на климатските промени врз планетата и човековото здравје сега е „неповратно“ и двете се меѓусебно поврзани, велат авторите.
Се проценува дека 6,7 милиони луѓе ширум светот и 373.000 во Европа умреле од загадениот воздух во 2019 година, а стакленички гасови и загадување на воздухот имаат многу исти извори.
Во едиторијалот на European Respiratory Journal, авторите побараа ЕУ, во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО), да ја намали безбедната граница за загадување на воздухот.
„Климатските промени влијаат на здравјето на сите, но респираторните пациенти се веројатно меѓу најранливите“, вели професорката Зорана Јовановиќ Андерсен од Универзитетот во Копенхаген и автор на извештајот.
„Тоа се луѓе кои веќе имаат тешкотии со дишењето и се многу поранливи на нашата променлива клима. Нивните симптоми ќе се влошат, а за некои тоа ќе биде фатално“.
Децата се повеќе погодени од климатските промени и загадувањето на воздухот, бидејќи нивните бели дробови се уште се развиваат, тие дишат побрзо и вдишуваат два до три пати повеќе воздух од возрасните бидејќи поминуваат повеќе време надвор.
Изложеноста на загадениот воздух рано во животот може да ги направи луѓето со поголема веројатност да развијат хронични белодробни заболувања, како што е хронична опструктивна белодробна болест подоцна во животот, велат авторите.
Намалувањето на емисиите на стакленички гасови и запирање на понатамошното затоплување на планетата би довело до „суштински и директни придобивки“, пишуваат авторите, бидејќи здравјето на луѓето брзо ќе се подобри како што воздухот станува почист.
Неодамнешните извештаи на СЗО велат дека намалувањето на емисиите ќе резултира со подобар квалитет на воздухот, така што регулирањето на загадувањето на воздухот треба да биде „срцето“ на секоја климатска стратегија, пишуваат авторите.
ТРТ БАЛКАН