Ковачевски – Вадефул: Потврдена поддршка од Германија за европската интеграција на Македонија

Германија ја потврдува својата поддршка за европските перспективи и се очекува следниот клучен чекор од Македонија, беше истакнато на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со заменик-шефот на групата пратеници во Бундестагот, одговорна за прашања од домен на надворешни работи и одбрана Јохан Вадефул.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата на која учествуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се разговарало за актуелните прашања од значење за нашата земја и за стабилноста и безбедноста на регионот и Европа.

„Двете страни ја истакнаа важноста на следниот чекор на РСМ, кој треба да ги обезбеди европските перспективи на државата. Оценката е дека пред нашата земја е навистина единствена можност, во динамичен процес, во следните неколку години да станеме членка на ЕУ. Ова, како што беше констатирано, е резултат на политиките и одговорното однесување на Македонија, особено во новиот геополитички контекст и предизвиците во регионот, Европа и светот“, се вели во соопштението.

Во разговорот беше истакнато дека проширувањето на ЕУ никогаш досега не било толку високо на агендата на ЕУ.

Премиерот Ковачевски му се заблагодари за континуираната и гласна поддршка од Германија за европските перспективи на Македонија.

„Германија како најголема земја членка на ЕУ има посебна улога и одговорност за иднината на Западен Балкан во ЕУ. Политиката на проширување е движечка сила за мир, демократија, владеење на правото и просперитет во Европа. ние сме фокусирани на можноста пред нас да го унапредиме нашиот интегративен пат во ЕУ. И веруваме дека заедно со решителните европски политички сили во земјата, како и со поддршката од нашите големи европски пријатели, како што е Германија, за граѓаните на Македонија е остварлив заслужениот и очекуван европски квалитет на живот“, истакна Премиерот Ковачевски.

Вадефул, како што се наведува во соопштението, нагласил дека клучните германски политички партии ја поддржуваат европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Тој изрази разбирање за критичната фаза од евроинтегративниот процес во кој се наоѓа Македонија и истакна дека неискористувањето на прозорецот на можности што се отвори пред земјата ќе донесе неизвесност дека никој не може да предвиди како ќе изгледа и колку долго ќе траен.да трае.