Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли. На средбата присуствувала и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
– Заеднички беше нагласено уверувањето дека денешната посета и разговори ќе дадат нов импулс во зајакнувањето на билатералните односи и взаемната соработка, посебно поради фактот што станува збор за прва посета на канадски министер за надворешни работи на нашата држава, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
На средбата, премиерот Ковачевски се заблагодарил за континуираната цврста поддршка од Канада во насока на имплементирање на реформските процеси со цел да се обезбеди напредок на нашата држава на планот на евроинтеграциите. Во таа насока, изразил уверување дека како и многу пати досега, Македонија ќе застане во одбрана на националните и стратешки интереси, а тоа е преземање конкретни чекори кон обезбедувањето на членството во ЕУ.
Во однос на билатералните односи, премиерот Ковачевски го поздравил негувањето на традиционалното пријателство и богата и сестрана соработка меѓу двете земји, посебно на мултилатерален план.
– Стабилна основа за натамошно севкупно унапредување на соработката помеѓу двете држави дава потпишувањето на Декларацијата за соработка и стратешко партнерство од 2018 година, стои во соопштението.
Премиерот Ковачевски изразил благодарност и за силната поддршка на Канада на нашето членство во НАТО, додавајќи дека Македонија денес е почитувана и одговорна членка на трансатлантската заедница.
– Длабоко го цениме партнерството со Канада како НАТО сојузници и ќе продолжиме да се однесуваме одговорно, потенцирал премиерот Ковачевски.
Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли изразила силна поддршка земјава да продолжи по евроинтеграцискиот пат, за што, постои недвосмислена поддршка и интерес од страна на Канада за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија. При тоа, се посочува во соопштението, министерката Жоли нагласила дека денес, повеќе од било кога, западниот свет треба да биде обединет, а Северна Македонија, како негов интегрален дел тоа го покажува споделувајќи ги истите вредности и заложби.
Ковачевски го потенцирал и значењето на бројната македонска заедница во Канада, која е значаен дел од богатиот канадски мозаик на култури и народи, и која давала и ќе продолжи да дава значаен придонес во градењето и зајакнувањето на Канада. – Нашата заедница е значен мост меѓу двете држави која воедно помага и во градењето на нашите меѓусебни врски, истакнал премиерот Ковачевски.
Посебен фокус на средбата бил ставен на прашањето за зајакнување на економските врски меѓу Канада и Македонија, за што заеднички беше оценето дека постојат огромни можности за инвестиции во нашата држава во различни сфери