Ковачевски за МИА: Северна Македонија е фактор на стабилност во балканскиот регион

Впечаток од овогодишната Минхенска безбедносна конференција е дека регионот се перцепира како стабилен и дека Северна Македонија во моментов е фактор на стабилност во Балканот, како членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и која претседава со ОБСЕ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено на маргините на Минхенската бебзедносна конференција.

– Ние сме земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и земја која претседава со ОБСЕ, меѓутоа и држава која што после она што го помина во почетокот, во касните деведесетти и во 2001 година, сме земја што е учесничка во Берлинскиот процес, земја од Отворен Балкан. Тоа се практично организации и процеси кои ја јакнат и ја унапредуваат регионалната соработка, односно слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги и уште еден многу важен фактор, а тоа е дека Северна Мкедонија е депонент на договорите кои што се потпишаа во Берлинскиот процес, нагласува Ковачевски.

Тој потенцира дека на дискусиите што се водеа во Минхен, земјава беше посочена како пример кој што низ добрососедски односи, низ дипломатски напори успеа да ги реши големите проблеми кои ги имаше и сега да напредува во европските интеграции, откако. претходно стане и земја членка на НАТО.

Ковачевски нагласува дека Конференцијата покажала дека западните земји и членките на НАТО и ЕУ се пообединети од било кога и искажаа недвосмислена поддршка на Украина.

– Таму не се работи само за напад на една држава врз друга држава, туку се работи за напад на посилна врз послаба држава и доколку тоа не се спречи и не и се помогне на Украина може да поттикне други држави, тоа да го направат во светот. Секако дека тоа ќе влијае врз безбедноста на целокупниот демократски свет во кој ние денес живееме, додава Ковачевски.

Во интервјуто дадено на специјалниот известувач на МИА од Минхен, премиерот Ковачевски говори и за кибер војната и хакерските напади во глобални рамки, но и во земјава, за односите Скопје-Софија, уставните измени, непходните реформи на патот кон ЕУ, поддршката на евроинтегративниоит процес, стабилноста на владиното мнозинство….

Во продолжение следи интегралното интервју на премирот Димитар Ковачевски за МИА.

Премиере, учествувате на 59-та Минхенска безбедносна конференција, фокусот беше Украина, нападот врз Украина, речиси една година од руската агресија. Сето тоа ја отвори потребата од една нова безбедносна структура на глобално ниво, меѓутоа и ревидирана европска безбедност. Што значи тоа за Северна Македонија?

 Ми беше чест што ја предводам нашата делегација на Mинхенската безбедносна конференција. Клучно прашање беше безбедноста на Европа и тоа во светло на војната која се води во Украина. Северна Македонија покажа дека во моментов сме фактор на стабилност во Балканот, тука сме како членка на НАТО, второ, тука сме како земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и трето како земја која претседава со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во Европа.

Оваа Минхенска безбедносна покажа неколку важни работи. Прво, дека НАТО, западните земји и ЕУ се пообединети од било кога. Второ претставниците и на САД, потпретседателката на Америка и канцеларот Шолц и претседателката на ЕК, како и другите лидери од Европа, искажаа недвосмислена поддршка на Украина, бидејќи таму не се работи само за напад на една држава врз друга држава, туку се работи за напад на посилна врз послаба држава и дека тоа доколку не се спречи и не и се помогне на Украина може да поттикне други држави, тоа да го направат во светот. Секако дека тоа ќе влијае врз безбедноста на целокупниот демократски свет во кој ние денес живееме.

Втората тема која беше исклучително важна е и кибер војната која се води и која е практично и дел од војната која беснее во Украина, на која се изложени сите држави, особено државите од западниот свет и се знае веќе од кои држави доаѓаат тие кибер хибридни напади. Исто така, се разговараше за помошта која треба да се даде на државите кои се справуваат со овие кибер напади. Ние сме една од државите кои се изложени на кибер напади, меѓутоа не и единствена. Ако ги погледнеме медиумите, ќе видиме дека со тоа се соочуваат и Црна Гора, па и Германија претходно, Србија и други држави. Тоа секако ја исктанува потребата од меѓународна соработка, а токму Минхенската конференција беше место каде што беа 450 претставници, лидери на држави, претставнинци на невладиниот сектор, истакнати поединци, кои што дискутираа и разговараа токму на овие теми.

Безбедноста на Западниот Балкан, исто така, беше една од темите. Вие присуствувате на панел на којшто се дискутираше за Западниот Балкан и потребата од евроинтеграција, односно забрзување на процесот. Колку регионот е перцепиран како безбеден и колку е возможна забрзаната евроинтеграција на регионот и земјите во него, имајќи ги предвид нерешените прашања Белград-Приштина, но и заладувањето на нашите односи со Софија изминатиов период?

 Најпрвин, панелот за Западниот Балкан беше одлична можност уште еднаш да се потенцира фактот дека веќе не е прашање дали Западниот Балкан ќе станат дел од ЕУ, туку кога ќе станат дел од ЕУ. Тоа е првата и основна работа. Втората е, многу отворено се разговараше за напредокот на државите во евроинтеграциските процеси, Балканот не е таков каков што изгледаше во деведесттите години. Албанија, Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, ако зборуваме за земјите од поранешна Југославија, се веќе земји членки на НАТО. Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија ги имаат отпочнато преговорите со ЕУ. Се работи за еден друг амбиент кој во моментов го имаме.

Регионот се перцепира како стабилен и особено Северна Македонија како држава која е фактор на стабилност во регионот. Зошто? Ќе потенцирам уште еднаш, ние сме земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и земја која претседава со ОБСЕ меѓутоа и држава која што после она што го помина во почетокот, во касните деведесетти и во 2001 година, сме земја во која што е учесничка во Берлинскиот процес, која што е земја од Отворен Балкан. Тоа се практично организации и процеси кои ја јакнат и ја унапредуваат регионалната соработка, односно слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги и уште еден многу важен фактор, а тоа е дека Северна Мкедонија е депонент, држава, односно нашето Министерство за надворешни работи, на договорите кои што се потпишаа во Берлинскиот процес. Дополнително на самата дискусија која се водеше, практично Северна Македонија беше како пример која што низ добрососедски односи, низ дипломатски напори успеа да ги реши големите проблеми кои ги имаше и сега да напредува во европските интеграции. Претходно да стане и земја членка на НАТО.

На Конференцијата беше и бугарскиот претседател Румен Радев. Имавте средби со високи претсавници на Европската Унија, на меѓународни организации, на европски држави, со регионални лидери… Зошто не се сретнавте со Радев? Дали можеби проценивте дека можеби не е момент за тоа или има некоја друга причина?

– Јас немав средба со претседателот Радев, бидејќи не беше планирано во мојата агенда, но тоа не значи дека на некоја друга конференција нема да се видиме. Во петокот, бидејќи бев во Собранието, каде што тече реконструкцијата на Владата, не можев да бидам тука на отворањето, а во саботата веќе беа закажани други состаноци.

Имајќи ги предвид заладените односи на релација Скопјр-Софија, имате ли план како да се подобрат односите? Последната порака на Радев, чинам од Атина беше, дека нема продолжување на преговорите без уставни измени.

 Важно е да се истакне дека после 17 години чекање, Северна Македонија ги отпочна преговорите со ЕУ и тие преговори започнаа, како и сите други преговори, како и на сите други држави, со скрининг фазата. Ние веќе отпочнавме со билатералниот скрининг каде поглавје по поглавје, сектор по сектор, ресор по ресор се разгледува нашето законодавство, примената на законодавството, примената на институциите итн. Самиот скрининг процес тече во насока на завршвуање според планот, некаде пред крајот на оваа година. Позитивни сигнали доаѓаат од Брисел, од нашите преговарачки тимови дека процесот ќе заврши во најдобар ред, а тоа значи дека на крајот ќе добиеме извештај во којшто точно ќе се знае кои области треба да ги унапредиме, кои закони треба да се направат, кои реформи треба да се спроведат во државата.

Што се однесува до самите преговори јас уште еднаш ќе истакнам дека не преговараме со Бугарија, туку преговараме со ЕУ.

Не би ги коментирал изјавите на бугарските политичари, бидејќи тие се наоѓаат во кампања. Така што, тие за секој глас се подготвени да дадат каква било изјава, со оглед на тоа дека се константно во избори и се обидуваат да собираат гласови на секои шест месеци и затоа не би ги коментирал изјавите ниту на нивниот претседател, ниту на другите кандидати за други функции во Бугарија.

Дали сметате дека стабилизирањето на политичката состојба, односно одредена извесност таму, ќе ги стабилизира односите Скопје – Софија?

 Јас можам да кажам кога Бугарија имаше политичка Влада, а тоа беше Владата на премиерот Петков, односите со Бугарија беа унапредени на едно исклучително високо ниво, каде што се разговараше на теми кои се однесуваат на иднината. Вие знаете дека имаме работни групи кои разговараа за инфраструктурата, за евроинтеграции, за образование и култура итн. И како резултат на тие разговори и атмосфера која се креираше, успеавме да постигнеме договор со сите 27 земји членки на ЕУ и да ги отпочнеме преговорите.

Во моментов и во Бугарија и кај нас има поединци и групи, па и политички партии кои не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Тие поединци, политички партии и групи за жал се финансирани и поттикнати од трети страни, односно од држави кои исто така не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Тоа веќе на сите им е јасно. Затоа на официјалните институции и на Бугарија и на Северна Македонија им останува да продолжат со комуникација, која комуникација треба да се базира на институционална комуникација, на задржување на достоинството на институциите и граѓаните на двете држави и доколку продолжиме во таква насока, тогаш ќе имаме односи со соседна Бугарија, исто како што имаме и односи со соседна Србија, Грција и со Албанија.

Исто така би сакал да истакнам дека нашите односи со Бугарија имаат и друга димензија. Тоа е економска димензија. Димензија во соработка во однос на стратешки проекти. Да не заборавиме дека во време на најголемата економска и енергетска криза заедно со бугарските власти успеавме да го зголемиме капацитетот на единствениот интерконектор кој во моментов го имаме и со тоа да се овозможи либерализација на снабдувањето со гас на државата. Тука секако дека помагаа и други партнери од НАТО, пред се САД во делот на подзаконсксата регулатива, во делот на водењето на преговорите за зголемувањето на капацитетот на самиот гасовод којшто оди преку Бугарија во Северна Македонија.

Тоа се исто така се теми кои се значајни за граѓаните на нашата држава меѓутоа значајни и за соработката меѓу двете држави. Доколку работиме во таа насока, на теми и на проекти кои ги зближуваат граѓаните, тогаш јас верувам дека и односите меѓу двете држави ќе бидат на ниво коешто е достојно на две соседни држави кои се членки на НАТО, партнери во НАТО и кои ќе бидат партнери и во ЕУ наскоро.

Повик до опозицијата вчера упати вицепремиерот Маричиќ, за дебата, разговор, за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ одговори експресно дека ја одбива таквата понуда и  бара повторно предвремени парламентарни избори. Дали тоа можеби е само јавен настап, а вие имате сознанија дека опозицијата е подготвена да седнете и да се договорите или пак едноставно е блокада на целиот процес и како ќе обезбедите двотретинско мнозинство за уставните измени доколку не наидете на подготвеност за разговори?

 ВМРО-ДПМНЕ за жал, две години е политичка партија која ги блокира сите процеси во Собранието, тоа го прави од причина што смета дека на таков начин ќе добие политички поени, бидејќи колку е полошо за државата и за другите, толку е подобро за нив. Тоа е нивната политичка проценка. Доколку го погледнете носењето на законите во Собранието, изборот на уставни судии итн, тоа личи на се освен на политичка дебата во Собрание. Јас лично сум дел од дебатите во Собранието, каде што освен лични квалификации, па дури и за членови на семејство, едни ниски напади, не можете да чуете ништо подобро.

Од друга страна, уште на почетокот на скринингот до ВМРО-ДПМНЕ беше упатена покана да дадат свои експерти кои ќе учествуваат во преговарачките тимови кои се организираат од страна на Секретеријатот за европски прашања, предводени од вицепремиерот Маричиќ и како така да бидат вклучени во процесот на преговори. Процесот на преговори е процес кој се води еднаш и којшто завршува еднаш со членство во ЕУ. Тоа не е процес ниту на еден човек, ниту на една политичка партија, ниту на една Влада. Тоа е процес којшто ќе продолжи во текот на наредните, според наши проценки и според целта која сме ја задале во наредните 8 години, до 2030 година за да станеме членка на ЕУ.

Од друга страна сметам дека за двотертинско мнозинство во Собранието, уставните измени се една од одлуките кои треба да ги донесе државата во делот на пристапувањето кон ЕУ, тоа е една од одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство, бидејќи после тоа ќе следува реформа на правосудниот ситем и за тоа се потребни две третини. Реформа на обвинителскиот систем, повторно се потребни две третини. Реформа на децентралцизацијата, повторно две третини. Реформа на јавната администрација, повторно се потребни две третини. Доколку било која политичка партија поддршката на овие реформи ја условува со избори, тоа значи дека ние пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори.

Затоа упатувам апел до сите опозициони партии дека процесот на европски интеграции е надпартиски процес во кој сите треба да учествуваат, а политичката дебата може да се води намногу други теми и на тие други теми да се губат или освојуваат гласовите на граѓаните за било кои наредни редовни избори.

Премиере, дали е стабилно владиното мнозинство со последните промени? Влезот на Алијанса, излегувањето на Алтернатива, на Демократски сојуз. Дали успеавте да го реализирате тоа што го баравте – создавање на европска коалиција или оваа реконструкција како што некои велат е повторно пазарање за одредени раководни позиции? Со колку пратеници всушност ќе располагате сега?

 Најпрвин и самата дебата во Собранието и моето експозе покажува дека оваа реконструкција не е водена од поединци и не е водена чисто за позиции. Тоа и се покажува со оглед на тоа дека кон владеачката коалиција се придружува политичка партија која дели исти ставови во однос на европските интеграции на државата. И да не заборавиме и во минатото партијата Алијанса ги поддржуваше одлуките кои што се однесуваат на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Од друга страна, јас кажав и се уште кажувам, дека вратата за сите политички партии кои што делат иста визија и кои што сакаат да бидат дел од спроведувањето на стратегијата за што побрзо зачленување на земјата во ЕУ, вратата за нив во коалицијата е отворена.

Меѓутоа, сепак ние сме демократско општество, има политички партии кои што имаат различно гледање на работите и секако дека на нив секогаш им постои можност да бидат или дел од владеачката коалиција или да бидат дел од опозиција.

Дел од нив декларативно кажуваат дека се за ЕУ, меѓутоа практично не поддржуваат ниту една одлука. Еве погледнете го гласањето на Договорот за ФРОНТЕКС. Тоа е договор каде што првпат нашата држава потпишува договор со сите земји членки на ЕУ каде македонскиот јазик првпат е дел од договор со сите други јазици на државите членки на ЕУ. Без никакви додавки, без фусноти и без никакви појаснувања. И погледнете го гласањето, на тоа гласање не беше ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Демократскиот сојуз. Тие може да имаат свои објаснувања имало пауза, па биле надвор, па биле внатре, меѓутоа паузата била и за тие што гласаа. А гласаа пратениците на СДСМ, на ДУИ, Алијансата, и да не заборавам некоја од партиите што застапуваат етнички заедници, од турската заедница од српската итн.

Така штоа едно е декларативно вие нешто да поддржувате, во пракса да не правите ништо и потоа само да барате изговори. Затоа сметам дека на крајот на денот, оваа реконструкција ќе биде поддржана во Собранието и парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што беше досега и ќе може да продолжи со реформите и со посефикасно спроведување и гласање на законите кои што владата ги доставува до собранието или кои што сами пратениците ги предлагаат.

Како што веќе споменавте една од темите на Минхенската безбедносна конференција беа хибридните закани, беа обработувани и на посебни панели, меѓутоа провејуваа и во сите дискусии што се водеа на различни нивоа. Сведоци сме кај нас за лажни дојави на бомби, напади на сајтови на институции, па сега последен беше нападот на Фондот за здравство, односно ИТ системот на Фондот за здравство. Дали овие напади се поврзани едни со други? Можеби се поврзани со руската агресија врз Украина или се мотивирани од некои сосема други, да речеме, криминални или други причини?

– Апсолутно се поврзани со војната која што се води во Украина, бидејќи пред тоа не постоеа. Второ, хибридната војна која што се води и која што вклучува кибер напади која што вклучува хакерски напади, која што вклучува дезинформации практично е нов начин на војување кој што досега не е виден.

Тоа има неколку цели. Прво да направи блокада на клучни витални ситеми во држави кои се членки на НАТО, на ЕУ, кои што се западно определени. Второ, да внесе немир кај граѓаните, бидејќи се напаѓаат системи кои што опслужувааат голем број на граѓани. И трето, да направат еден систем на дезинформации во државите, што на крајот од денот оди во насока и корист само на оние кои што не сакаат да го видат нашиот регион конкретно да биде дел од ЕУ или да биде дел од НАТО.

Нападот врз Фондот беше окарактеризиран како криминален напад за кој се бара откуп? Значи може е од поинаква природа, како тука реагира државата имајќи предвид дека 13 дена се случува оваа ситуација, со чувствителни податоци за граѓаните кои се заробени таму некаде? Како ќе го решите ова прашање? Дали државата има капацитет, средства, експертиза? Што недостига за да има брза реакција во вакви ситуации?

 Првично се однесува до кибер нападите, сите кибер напади, сите хакерски напади сите хибридни закани дезинформации тие сите зад себе имаат позадина која што на ниту еден начин не може да се карактеризира како легална и правична. Туку напротив токму како што вие го поставивте прашањето.

Во случајот на Фондот за здравство, работат експерти од нашата држава заедно со експерти на земји членки на НАТО, кои се врвни експерти. И од Фондот за здравство имаше соопштение и јас исто така имав одговор на прашања. Личните податоци на граѓаните што се однесува на нивните медицински одсиеа итн., тие се заштитени внатре во системите на Фондот, меѓутоа другите активни системи на софтверите кои се користат се под кибер напад.

Јас го разбирам револтот на здравствените работници. Прво, имаше информации дека немало пари во Буџетот. Пари во буџетот има, и во Фондот за здравство и во централниот Буџет, меѓутоа со оглед на начинот на кој се исплааат платите и со оглед на кибер нападот кој што се случува, тоа не беше возможно да се направи во изминатите денови. Ние работевме заедно со Министерството за финансии и со вработените во трезорот да може да се направи од централниот трезор, која што е комплицирана работа меѓутоа на која што ќе се работи.

Но, јас сакам да истакнам нешто друго, а тоа е дека кога беше корона кризата, наши херои беа докторите и сите ние имавме апсолутно разбирање за нив и сите пофални зборови им ги дававме на начинот со кој што со надчовечки напор со 24-часовна работа се справуваа со кризата и им помагаа на граѓаните. Денес при овие кибер напади и при оваа хибридна војна, повторно има луѓе кои 24 часа работат. Тоа се ИТ инженери кои што работат во институциите. Ние исто така имаме формирано и специјален тим во МВР во кое што учествуваат ИТ инженери од Агенцијата за разознавање, од Агенцијата за национална безбедност. Тие луѓе имаат имиња и презимиња, но ние не ги знаеме, бидејќи никогаш немале можност да бидат дел од јавна дискусија од медиумите. Меѓутоа и тие работат 24 часа на ден. И тие имаат свои семејства кои не ги виделе, и јас ќе се потрудам лично на еден од наредните јубилеи кои нашата држава ги слави, барем еден од нив да биде награден со државна награда во име на сите нив кои 24 часа работат за да ги заштитат и одблокираат ситемите кои се под кибер напади.

Навистина кога се работи со земји партнери од НАТО, тоа значи дека буквално работат 24 часа, бидејќи тие соработуваат и со експерти од Австралија, меѓутоа и со експерти од САД. Се работи за временски разлика од 8, 9, 10 часа. И навистина можам да истакнам само благодарност во однос на тоа што тие го прават.

Од друга страна, кажав дека го разбирам револтот на граѓаните и вработените во ФЗО со оглед на настаната ситуација која што ќе биде решена. Тие ги сменија своите процедурра, работат продолжени работни часови, работат мануелно на завршување на дел од работите кои биле дигитални, се со цел да бидат пружени сите услуги на граѓаните. Апсолутно ќе се реши овој проблем како и секој друг што е решлив, кога напорно се работи и кога се имаат експерти кои тоа можат да го направат.

Јас ја користам уште еднаш можноста да апелирам на смиреност кај граѓаните, бидејќи ова се прави за да има немир кај граѓаните и исто така искажувам благодарност за оние кои 24 часа работат на заштитата и на отстранувањето на овие напади кои што ги има во виталните системи. Вие знаете што се случуваше во Албанија, во Црна Гора, исто така, и тие се справуваа заедно со помош на стратешките партнери. А тука пред се мислам на Германија, САД итн.