Финска се подготвува целосно да ја затвори источната граница со Русија

– Финска се подготвува целосно да ја затвори источната граница со Русија поради тековниот нерегуларен прилив на мигранти во земјата од руска страна, објавија локалните медиуми.

Штом се завршат соодветните подготовки, Владата ќе се состане на вонредна седница за да го одобри затворањето на руско-финската граница, пишува весникот „Илта Саномат“ (Ilta Sanomat).

„Со тоа, Финска сака да испрати многу јасна и силна порака до Русија. Нема да се поклониме пред руската хибридна војна“, изјави владин извор за весникот.

„Затворањето на четири гранични премини минатата недела не го создаде посакуваниот ефект“, рече изворот, тврдејќи дека Русија продолжува да ги турка нерегуларните мигранти во Финска преку граничните премини кои останаа отворени.

На 16 ноември, Финска ја објави својата одлука да затвори четири гранични премини со Русија од 17 ноември на полноќ, како одговор на сомнежите дека руските власти им дозволиле на барателите на азил без документи да пристигнат на финската граница во сѐ поголем број.

Следниот ден Хелсинки издаде уште едно соопштение во кое предупредува дека Владата е подготвена да преземе дополнителни мерки доколку одлуката за затворање на четири гранични премини не помогне да се смири ситуацијата на источната граница со Русија.