Ковачевски: Избори ќе има во 2024 година

 Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во седиштето на партијата уште еднаш повтори дека ќе нема предвремени избори и оти тие ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

-Избори ќе има во 2024 година. На тие избори, прво на претседателските, ќе победи кандидатот предложен од СДСМ, а потоа, на парламентарните избори ќе победи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и заедно со коалицијата ќе формира влада со којашто ќе влеземе во Европската Унија, рече Ковачевски.

Ковачевски на прес-конференцијата најави целосна мобилизација на општеството за, како што рече, нова победа на државава, најавувајќи теренски активности на партијата.

-СДСМ од денеска е на терен. Рамо до рамо со граѓаните, започнуваме со интензивни теренски активности. Во секое населено место, во секоја уличка, во секоја куќа, зграда, маало, урбана заедница, таму каде што ни е местото, меѓу народот, заедно со граѓаните. Секој ден ќе бидеме рамо до рамо со народот, заради подобра на татковината, а не заради тоа што наредната година има избори, рече Ковачевски.