Ковачевски – Мишел: Натамошна силна поддршка од ЕУ за Северна Македонија на патот кон евроинтеграциите
Актуелната ситуација во регионот, продолжувањето на евроинтеграцискиот пат на земјава и спроведувањето на потребните реформи, беа тема на денешниот телефонски разговор на премиерот Димитар Ковачевски со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на кој присуствуваше и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Како што информира владината Прес-служба, премиерот Ковачевски му се заблагодари на Мишел за неговата силна досегашна поддршка на пристапниот пат на Северна Македонија, притоа истакнувајќи ја решителноста на Владата да работи на отворање на првиот кластер од преговорите до крајот на годинава.
Тој го запозна претседателот на Европскиот совет и со подготвителните активности и формирањето на експертската работна група во Министерството за правда задолжена за подготовка на уставните измени.
Премиерот Ковачевски изрази надеж дека сите политички фактори во земјата кои ја поддржуваат европската интеграција ќе бидат на висина на нивната одговорност и должност кон граѓаните и ќе придонесат во обезбедување европска иднина за земјата.
Претседателот на Европскиот Совет, Мишел, како што се наведува во соопштението, ја нагласи поддршката на Европската Унија за евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази задоволство од досегашниот одличен тек на процесот на скрининг.
Мишел ги поздрави активностите на Владата во доменот на спроведување на европската агенда и укажа на важноста на реализација на следните чекори, за кои земјата ја има силната поддршка на ЕУ. Во име на ЕУ, претседателот на Европскиот совет уште еднаш упати благодарност до премиерот Ковачевски за одржаниот состанок во Охрид од дијалогот меѓу Србија и Косово, се додава во соопштението.