Ковачевски: Посетата на Фон дер Лајен на Скопје е во рамки на редовната комуникација со ЕК, никој не доаѓа некому да врши тортура

Посетата на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најававена за крајот на месецо е во рамки на редовната комуникација помеѓу ЕК и нашата држава и никој не доаѓа некому да врши тортура, како што кажуваат од опозицијата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Еден од претседателите во опозицијата кажа дека очекувал некој тортура да му прави, гледате дека ниту некому му се случи тортура, ниту некому му се правеше притисок. Северна Македонија нормално функционира, нормално се одвиваат демократските процеси и мислам дека така и ќе продолжи со тоа што ние треба да ги исполниме нашите обврски коишто се однесуваат на преговарачката рамка и да продолжиме со европските интеграции и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ, посочи премиерот Ковачевски на новинарско прашање по посетата на фабриката за производство на сувомеснати производи „Мис Глобус ДОО“ во Скопје.

Тој за посетата на Фон дер Лајен која ја најави вчера за крајот на месецов, рече дека се очекува да биде потврдена како и датумот на посетата.

-Штом ќе биде финализирана (подготовката за) посетата, тогаш таа ќе биде и најавена од страна Европската делегација и од страна на македонската Влада, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски вчера во изјава за медиумите по посета нa компанијата „Вивакс“, ја најави посетата на претседателката на EK, Фон дер Лајен, на Северна Македонија до крајот на месецов, и посочи дека и францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес, исто така изразил желба да ја посети земјава.