Разликата меѓу пензиите на мажите и жените изнесува неколку стотици евра.
Просечната пензија по најмалку 45 години стаж во Германија изнесува 1.543 евра. Оваа информација ја изнесе германската влада како одговор на прашање на Дитмар Барч, шеф на пратеничката група на Левица во Бундестагот, пишува DW.
Разликата меѓу пензиите на мажите и жените изнесува неколку стотици евра. Просечната „машка“ пензија е 1.637 евра, а „женската“ 1.323 евра. Просекот на западот на земјата е повисок од просекот во поранешните источногермански покраини и изнесува 1.605 евра, наспроти 1.403 евра на исток.
Овој износ на просечната пензија за Барч е „срамниот биланс на пензиската политика во последните две децении“. За него, фактот што жените и источногерманците имаат значително пониски пензии е знак дека тие се далеку од праведен систем.
Овој политичар побара од сојузната влада да „воведе извонредно зголемување од 10 проценти на пензиите за сите пензионери оваа година за да се компензира инфлацијата“. Според него, „не може министрите, државните секретари и државните службеници да добиваат дополнителни 3.000 евра поради инфлација, а куповната моќ на пензионерите да продолжи да паѓа“.
Барч побара реформа на пензискиот систем. За да бидат пензиите повисоки би можел да се формира „пензиски фонд за сите“. Според неговата замисла, ова би било пензиско осигурување во кое ќе придонесат сите вработени: „И државните службеници и независните бизнисмени, а пред сè пратениците и министрите“.
Во Германија пензијата е во просек 48 отсто помала од платата што ја земал вработениот.
Федералното биро за статистика потврди дека жените во старост се финансиски послаби од мажите. Според резултатите од истражувањето на приходите и условите за живот од 2021 година, жените на возраст над 65 години имаат просечна бруто пензија од 17.814 евра годишно, а мажите 25.407 евра, третина повеќе.
Причините за ова се наведува дека жените често работат во индустрии каде што платите се пониски, што често не работат со полно работно време и што често и подолго време воопшто не работат, на пример, поради деца или членови на семејството кои се упатени на туѓа нега.
Истовремено, на почетокот на јули повторно „скокнаа“ цените на сместувањето или доплатите во домовите за стари лица. Во првата година, станарите треба да плаќаат во просек по 2.548 евра месечно од свој џеб – 348 евра повеќе отколку во средината на 2022. Главната причина е зголемувањето на платите на персоналот.