Комисијата за заразни болести предлага прогласување на епидемија на подрачјето на Град Скопје поради случаите со голема кашлица (ДПЛ)

 – Комисијата за заразни болести предлага прогласување на епидемија на подрачјето на Град Скопје, со оглед на 18-те потврдени случаи со голема кашлица, од кои 14 се во Скопје. 

Ова денеска на прес-конференција го соопшти претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски кој вели прогласувањето на епидемија треба да го олесни процесот на справување со ризикот кој го носи болеста.

– Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици. Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини, рече Петличковски.

Посочи дека е незадоволително нивото со опфатот на вакцинација на пертусис.

-Значи, тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација, рече Петличковски.

Нагласи дека дел од препораките е и забрана за прием на невакцинирани деца во градинки и очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е на заштита на најмалите, бидејќи како што рече, оваа болест може да биде и е практично тешка, најтешка болест за најмалите.

На новинарско прашање дали забраната ќе важи и за училиштата, Петличковски вели тоа е проблем за кој немаат решение во овој момент, бидејќи како што рече, вакцинацијата е задолжителна, но и образованието е задолжително. 

Заразноста не е долга и трае од 5 до 6 дена, појаснува Петличковски, доколку пак, инкубацискиот период може да се движи од 7 дена до 21 ден.

– По започнување на антибиотска терапија, затоа имаме и таква препорака, потврдените случаи да останат т.е. да бидат изолирани, тоа не е задолжителна изолација, тоа е препорака да не се мешаат со други луѓе пет дена после започнувањето на антибиотската терапија, појасни Петличковски.

Додава дека матичните лекари и специјалистите ќе добијат упатства според препораките на СЗО преточени од Институтот за јавно здравје за упатување за тестирање на сомнителните случаи и дека во моментов има доста тестови на располагање.

Во врска со возраста на лицата кои се хоспитализирани, Петличковски рече дека има и деца и возрасни кои се хоспитализирани и појасни дека има можност да бидат заразени и оние кои се вакцинирани, но како што рече, инфекцијата ќе помине полесно отколку кај оние кои не се имунизирани. 

– Има и деца има и возрасни хоспитализирани. И овој случај конкретно го разговаравме со четиригодишниот пациент. Кај него се работи за некаква состојба која индицира примена на имуносупресивна терапија. Имуносупресивната терапија дава простор и луѓе, деца кои се вакцинирани да имаат можност да бидат заразени, меѓутоа, секако дека кај него инфекцијата ќе помине полесно отколку ако не бил имунизиран. А и самата вакцинација има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти, значи шанса секогаш има инфекцијата да најде простор и во релативно добро покриена средина со популација со вакцини да избувне и во некакви поголеми, посочи Петличковски.

Додава дека Комисијата ги разгледувала и бројките на заразени во Србија и вели од околу 700 лица со потврдена инфекција на голема кашлица, дури 64 отсто се вакцинирани. 

Меѓутоа Петличковски посочува дека постои опаѓање на имунитетот после 10 години во просек, така што вели Комисијата ги разгледува сите опции за освежување на имунитетот кај критично болни и лица над 65 години. 

– Меѓутоа, ова се сега првични наши препораки затоа што сме во моментот навистина во добра состојба споредено со регионот. Имаме 18 случаи и нема смртни исходи, заклучи Петличковски.