Во изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека дискурсот на Бугарија кон Македонија е сличен на дискурсот што Русија го применува во Украина, имаше низа реакции во Бугарија.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев изјави дека „раководството на Република Северна Македонија мора да ги убеди своите граѓани, а не Бугарија, дека гради демократска држава“ и категоричен е дека македонското раководство може да тврди оти гради модерно мултиетничко општество кога ќе најде сила да ги вклучи „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.
-Раководството на Република Северна Македонија мора да ги убеди своите граѓани, а не Бугарија, дека гради демократска држава. Земја во која не се пука по бугарските клубови и не се палат, каде Бугарите не се подложени на систематско малтретирање, физичко насилство и монтирани судења, рече бугарскиот претседател.
Лидерката на БСП, Корнелија Нинова порача дека иницираат генерална декларација на Националното собрание за осуда на односот на Република Северна Македонија кон Бугарија.
Ваквите изјави се отворена провокација, според претседателот на „Преродба“ Костадин Костадинов.
-Вистината е дека Република Северна Македонија во голема мера постои како земја благодарение на Бугарија, додаде тој.
Според Костадинов, изјавата на Ковачевски била одговор на потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.
-Можам да и честитам на Јотова бидејќи неговата изјава доаѓа како одговор на нејзината изјава во која ги спомена сите провокации кон Бугарија во последните години. Крајно време е да почнеме да ја зборуваме вистината гласно, секако дека ќе предизвикаме контра клевети од нашите македонски партнери, но тоа не треба да не спречи, бидејќи на крајот на денот ние сме членка на ЕУ, а не тие, а тие сакаат да влезат во ЕУ, а не ние“, додаде тој.