Косовските Срби бараат Белград да ја прогласи косовската полиција за терористичка организација

 Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) побара денеска од Владата на Србија да ги прогласи специјалните единици на Полицијата на Косово, разузнувачките служби и сите „соработници на тие структури“ за „терористички организации, затоа што се закана за мирот“ на косовскиот север, кој е населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмото упатено до надлежните во Белград, кое го достави и до медиумите во Косово и Србија, СЛ вели дека локалното српско население „страда од теророт и репресијата на антисрпскиот режим на (косовскиот премиер) Албин Курти веќе две години“.

– Ние длабоко веруваме дека оваа одлука, во соработка со меѓународните институции и западните партнери, ќе го спречи натамошното незаконско дејствување на тие формации и нивните соработници во заканите за мирот во овие области (во северно Косово). Исто така, таа одлука ќе создаде законски основ за дејствување на сите државни власти против тие организации за да се изведат пред правдата, се вели во писмото на СЛ, кое го пренесе Радио слободна Европа (РСЕ).

Барањето на партијата на косовските Срби уследи неколку дена откако Владата на Курти прогласи две нелегални формации на косовските Срби – „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ – за терористички организации“.

Како што напоменува РСЕ, двете организации бројат по неколку стотици членови од редовите на српската етничка заедница на Косово, додека медиумите на албански јазик во Приштина тврдат дека тие, како и партијата СЛ, се директно поддржани од властите во Белград.

Според косовскиот премиер, двете организации вршеле дејствија „со терористички елементи“, меѓу кои оружени напади врз полицијата на Косово, врз припадниците на Мисијата на Европската унија за владеење на правото – ЕУЛЕКС и припадниците на Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР.

Меѓу другите причини кои ги наброја за прогласувањето на „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ за терористички, тој рече дека тие го организирале „регрутирањето и обуката на свои припадници за користење огнено оружје и воени методи во воени бази во Србија“.

– Поаѓајќи од тоа дека со загрозувањето на уставниот поредок нема компромиси, а имајќи за цел заштита на сите граѓани на Косово, (поаѓајќи) од дејствијата со терористички елементи, вклучително оружените напади врз полицијата на Косово, КФОР и ЕУЛЕКС, нападите врз граѓаните и политичките противници…, предизвикувањето општа опасност, уништувањето јавна и приватна сопственост, попречувањето на слободата на движење, принудувањето на граѓаните за учество на протести, барикади и други форми на отпор…, регрутирањето и обуката на сопствени припадници за користење огнено оружје и воени методи во воени бази во Србија со цел вршење напади врз домашни и меѓународни институции во Косово, заканите и заплашувањето на граѓаните на северот на земјата… „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ се прогласуваат за терористички организации во Косово, изјави Курти по владината седница на 29 јуни.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља рече дека одлуката за прогласување на двете организации за терористички е донесена во соработка со сојузниците на Косово, САД и западните земји, меѓутоа тоа веднаш го демантираа официјален Вашингтон и неколку западни дипломатски претставништва во Приштина. Тие повторно побараа од Курти да преземе дејствија за деескалација на состојбата во северно Косово, а во исто време беше објавено и дека официјален Брисел воведува санкции кон Косово.