КОЈ Е СИНАН ОГАН? Сите погледи вперени во него – историската улога на националистите на изборите во Турција

Турција ќе добие претседател во вториот круг од изборите на 28 мај – тој датум ќе означи или продолжување на владеењето на Реџеп Таип Ердоган или ќе го промовираат опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу за нов лидер на оваа земја.

Според последните податоци на Врховниот изборен совет на Турција, по пребројани 99 отсто од гласовите, Ердоган освоил 49,9 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори, Киличдароглу 44,96 отсто, додека 5,2 отсто од турското население гласале за Синан Оган.

Ердоган веднаш изјави дека има 2,6 милиони гласови пред главниот ривал, па се чини дека клучно за вториот круг од изборите ќе биде кого ќе поддржи Оган, кој освои нешто повеќе од 2,8 милиони гласови.

Овој академик со азербејџанско-турски корени ниту пред изборите, ниту веднаш по првиот круг не прецизираше кој од двајцата кандидати ќе го поддржи во вториот круг.

– Ќе разговарам со лидерите во мојот сојуз, ќе одам да ги прашам моите гласачи во следните неколку дена. И тогаш ќе донесеме одлука и ќе ја извршиме нашата должност во следните 14 дена – рече Оган.

Кој е Синан Оган?

ТРТ Балкан наведува дека тој е турски националист, поранешен член на Партијата за националистичко движење (МХП), сојузник на АК партијата предводена од Ердоган.

Тој првично беше во добри односи со Девлет Бахчели, лидерот на МХП, но откако Бахчели усвои нова политика на поддршка на политиките на Ердоган по изборите во ноември 2015 година, Оган им се придружи на другите националистички фигури во опозиција на неговото раководство.

Бахчели и Ердоган не беа во политички сојуз пред 2015 година, но откако АК Партијата победи на изборите во ноември, се разви се посилен сојуз меѓу МХП на Бахчели, која беше во центарот на турскиот национализам повеќе од пет децении, а Ердоган – влијателен конзервативен лидер.

Сепак, некои националистички политичари како Оган, но и Мерал Акшенер, Умит Оздаг и Корај Ајдин – сите членови на МХП пред да започнат свои политички платформи – се спротивставија на сојузот на Бахчели со Ердоган. На крајот, овие политичари се појавија како спротивставен блок на долгогодишното раководство на Бахчели.

По неуспешните обиди да се смени Бахчели од раководството на партијата, Акшенер и нејзините приврзаници се одвоија од МХП и ја основаа партијата ИЈИ во 2017 година.

Оган остана во МХП и покрај тоа што двапати беше исклучен поради наводни антипартиски активности. Сепак, на критичното референдумско гласање во 2017 година за промена на парламентарниот систем на Турција во претседателски модел, Оган се спротивстави на одлуката на МХП да го поддржи гласањето „не“, како и Акшенер и другите противници на Бахчели.

Од 2017 година, Оган не е поврзан со ниту една партија, а на овие избори се кандидираше како независен иако алијансата АТА предводена од Оздаг го предложи за свој претседателски кандидат.

Оган дипломирал на Универзитетот Мармара со диплома по бизнис администрација во 1989 година. Магистрирал Финансиско право/банкарство на истиот универзитет во 1992 година. Докторирал на Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО) во 2009 година. Помеѓу 1992 и 2000 година, тој работел како предавач во Азербејџанската фондација за турски светски студии, според неговата веб-страница. Во истиот период раководел и со канцеларијата на Азербејџан на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), државна институција. Во 2000-тите, тој работеше за Евроазискиот центар за стратешки студии (ASAM), раководејќи го одделот за Русија и Украина на тинк-тенкот. Во 2004 година, тој го основа својот истражувачки центар ТУРКСАМ (Центар за стратегиски анализи на Турција), кој продолжува да работи. Откако стана претставник на МХП во 2011 година, бил член на парламентарните групи за пријателство Турција-Албанија и Турција-Нигерија. За време на неговиот мандат, Оган беше и генерален секретар на Турско-азербејџанската парламентарна група за пријателство.