КОЈ МУ ЧЕСТИТАЛ А КОЈ НЕ НА ПУТИН: Берлин одби да го поздрави новиот мандат на рускиот претседател

Неколку светски лидери му честитаа на Владимир Путин за победата на претседателските избори во Русија, а некои одбија.

Владимир Путин извојува убедлива победа на претседателските избори во Русија во неделата, освојувајќи 87,3 отсто од гласовите врз основа на 98 отсто од преброените гласови, обезбедувајќи петти мандат.

Додека некои лидери му честитаа за победата, други одбија, а некои дури и биле саркастични.

„Берлин нема да му честита“

Германскиот канцелар Олаф Шолц нема да му честита на рускиот претседател Владимир Путин за неговата победа на изборите кои Берлин не ги смета за слободни или фер, изјави во понеделникот портпаролот на германската влада.

– Резултатот беше однапред определен – изјави портпаролот на конференцијата во Берлин, осврнувајќи се на Русија како диктатура, пренесе Ројтерс.

Претходно беше објавено дека и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер одлучил да не му честита на Путин, како што изјави неговата портпаролка Серстин Гамелин за „Tagesspiegel“. Штајнмаер му честитал на Путин за реизборот за претседател на Русија во 2018 година, потсетуваат агенциите.

– Германската влада е подготвена да комуницира со Путин, но Берлин нема да му честита за победата на изборите – најави заменик-главниот портпарол на германската влада, Кристијана Хофман.

Таа за новинарите изјави дека постои взаемна волја и дека би било корисно да се разговара со Путин, но дека тоа во овој момент не е планирано.

– Германија нема да ги смета изборите за легитимни ниту пак ќе му честита на Путин за победата – рече Хофман.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, му ја „честита“ победата на Путин во петокот, кога почна тридневното гласање во Русија, пренесе „Политико“.

„Би сакал да му честитам на Владимир Путин за неговата убедлива победа на изборите што почнуваат денеска. Нема опозиција. Нема слобода. Нема избор“, изјави Мишел на „Х“ (Твитер).

Кој му честиташе на Путин?

Меѓу оние кои му честитаа на Путин за реизборот се претседателите на Кина, Палестина, Иран и Северна Кореја.

Кинескиот претседател Си Џинпинг му честиташе на Путин за неговиот реизбор за претседател на Русија, објавија денеска кинеските државни медиуми. На прес-конференција по изборите, Путин рече дека односите меѓу Русија и Кина се стабилизирачки фактор во евроазискиот регион, пренесе Ксинхуа.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун исто така му честиташе на својот руски колега за победата, пренесе КЦНА. Агенцијата наведува дека Ким „испратил честитки до претседателот Путин“ и дека „амбасадорот на Северна Кореја во Русија, Шин Хонг-Чул, ќе ги достави честитките до руското Министерство за надворешни работи.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска му честиташе на Путин за реизборот и му посака успех во извршувањето на „повисоките задачи“ што му се доверени и во остварувањето на зацртаните цели. Тој изјави дека е горд на пријателските односи кои, како што истакна, ги обединуваат двете земји и два народа и изрази благодарност за поддршката што Русија ја дава за правата на палестинскиот народ.

Иранскиот претседател Ибрахим Раиси , исто така, му честиташе на Путин за неговиот реизбор за претседател на Русија.

„Претседателот на Република Иран упати честитка по повод убедливата победа на изборите и реизборот на Владимир Путин за претседател на Русија“, се вели во соопштението.

Путин, кој води на претседателските избори во Русија, имаше телефонски разговори со лидерите на Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан, кои – како што соопшти прес-службата на Кремљ – „срдечно му честитаа за убедливата победа во претседателските избори, особено нагласувајќи ја широката јавна поддршка за неговиот надворешнополитички курс и високата излезност на гласачите на изборите“.