Куманово објави повик за субвенции за кирија за корисници на гарантирана минимална помош

 Куманово ќе субвенционира трошоци за кирија на социјално ранливи категории граѓани, информираа денеска надлежните од секторот за социјална и здравствена заштита. Повикот е отворен до 22 февруари годинава и можат да аплицираат корисници на гарантирана минимална помош.

– Ќе субвенционираме 3.000 денари трошоци за кирија на месечно ниво. Донесена е одлука за обезбедување помош за домување на материјално и станбено необезбедени лица-корисници на гарантирана минимална помош кои ќе можат да поднесат барање за субвенционирање на трошоци за комунални услуги и трошоци за кирија. Заинтересираните треба да поднесат соодветна документација, повика раководителот на секторот за социјална и здравствена заштита од општина Куманово, Александар Крстевски.

Оваа категорија граѓани има право да аплицира и за програмата за субвенции за комуналии, со која добиваат по 900 денари за сметка за вода и 400 за сметка за смет. Листата на потребни документи кои вклучуваат документи за идентификација и други пропратни може да се најде на општината веб страна.

Општинските изборни комисии од Куманово, Липково и Старо Нагоричане завршија со подготовките за утрешното гласање на болните и немоќните лица, ковид позитивните и осудениците, соопштија денес

За субвенции за комуналии општината одвојува 6.480.000 денари, за субвенции за кирија се одделуваат 576.000 денари. За еднократна парична помош, мерка која се спроведува неколку години наназад општината издвојува 1, 5 милиони денари, за инклузија на деца Роми во градинките одделува 360.000 денари, за ослободување од партиципација на деца на самохрани родители за градинки која првпат се реализира и опфаќа деца до шест години е во висина од половина милион денари. Куманово годинава ќе реализира и народна кујна за лица од социјален ризик.

– Општината планира да обезбеди топол оброк за лицата кои се во најголем социјален ризик. Мерката ќе се спроведува со интернатот „Професор Мијалковиќ, има 5.400.000 денари и во тек е подготовка на правилникот и се надеваме дека наскоро ќе почне. Општината обезбедува и бесплатен паркинг за лица со инвалидитет за што се предвидени три милиони денари, изјави Крстевски. 

Барањата можат да се преземат на линк од општина Куманово, Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на деца и здравствена заштита како и во архивата на општина Куманово и на портирница во зградата на поранешен АД „Козјак“ спроти градскиот стадион (Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита).