Курти: Во Бањска има околу 30 тешко вооружени лица кои дошле во Косово да се борат

– Премиерот на Косово, Албин Курти, денес по убиството на косовскиот полицаец во селото Бањска, во општија Звечан, во северниот дел на Косово, ијави дека во тоа подрачје во моментов се наоѓаат повеќе од 30 тешко вооружени лица, кои дошле во Косово да војуваат.

Курти по заседавањето на Советот за безбедност на Косово свикан по убиството на косовскиот полицаец Африм Буњаку во северниот дел на земјата, изјави дека нападите врз косовската полиција сѐ уште траат.

„Таму има најмалку 30 тешко вооружени лица, професионални војници или полициски сили, кои се опколени од Полицијата на Косово и кои ги повикувам да им се предадат на нашите безбедносни органи. Тие продолжуваат да ја напаѓаат нашата полиција, откако го убија Африм Буњаку и го ранија Албан Рашити“, рече Курти.

На конференцијата за медиумите прикажа неколку фотографии од селото Бањска на кои, како тврди Кутри, се наоѓаат лица кои не се вооружени цивили, ниту пак се обични граѓани.

„Јасно е дека овие униформирани лица, кои се најмалку 30-мина, иако на нивните униформи не се гледаат симболи и амблеми, претставуваат организирана формација која дошла да се бори во Косово. Ги повикувам да им се предадат на косовските органи кои ги опколија во Бањска“, изјави Курти.

Косовскиот премиер додаде дека вооружените организирани формации се наоѓаат во манастирот во Бањска и надвор од него, а освен нив, на фотографиите се забележуваат и возила без таблички.

„Тоа се возила кои не ги поседуваат локалните Срби, ниту кој било цивил во нашата Република. Ова се два камиони кои се поставени пред мостот за да го блокираат сообраќајот“, рече Курти и истакна дека поради фактот дека вооружените лица носеле маски на главите, не биле во можност да утврдат за кого станува збор.

Премиерот Курти рече дека„Косово е демократска земја која им припаѓа на сите, без разлика на етничката припадност“ и дека „недопустливи се вакви кршења на уставноста, мирот, животот и придобивките на граѓаните.“