Осуден за велепредавство: Рускиот опозиционер Кара-Мурза пристигна во затворска колонија во Сибир, веднаш ставен во изолација (ФОТО)

Рускиот опозициски лидер Владимир Кара-Мурза, осуден на 25 години затвор за „велепредавство“ и за осуда на офанзивата во Украина, пристигна на отслужување на казната во колонијата на затворот со висок степен на обезбедување во Омск, Сибир, изјави денеска неговиот адвокат.

Кара-Мурза, еден од главните критичари на Владимир Путин, кој исто така има британско државјанство, доби особено строга казна во април, поради што западните земји побараа негово ослободување.

Неговиот адвокат Вадим Прохоров на Фејсбук напиша дека Кара-Мурза бил однесен во затворот во Омск на отслужување на казната и веднаш бил ставен во изолација.

Омск, град со повеќе од милион жители, се наоѓа на околу 2.700 километри источно од Москва.

Затворениците кои добиваат строги казни во рускиот казнен систем често се испраќаат во оддалечените затворски колонии до кои се потребни недели да стигнат, со застанувања во различни затвори на патот.

Прохоров рече дека Кара-Мурза патувал во Омск „не помалку од три недели“ и бил задржан во изолација „неколку дена“ во градот Самара, во централна Русија.

По судењето зад затворени врати, Кара-Мурза беше прогласен за виновен за ширење лажни информации за руската армија и за врски со „непожелна организација“. Тоа е најтешката пресуда против истакната опозициска личност во последните години, пишува Франс прес.

Од почетокот на руската офанзива во Украина, речиси сите истакнати опозиционери беа затворени или избегаа од земјата.