Курти: ЕУ ја толерира „автократна и проруска“ Србија која предизвика четири војни во поранешна Југославија

 – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека мерките од страна на Европската унија кон Косово поради неисполнување на барањата за преземање дејствија за средување на ситуацијата на северот од земјата, населен со мнозинско српско население, се неправедни и изрази надеж дека ќе бидат краткотрајни, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната инаугурација на детски парк во Штимље, изграден со донација сојузната германска поркаина Северна Рајна-Вестфалија, Курти порача дека Косово „не може да прави компромиси со владеењето на правото и со уставноста на државата“.

– Како и да е, ние си ја вршиме нашата работа, но да не заборавиме дека не можеме да правиме компромиси со владеењето на правото и со уставноста на државата, затоа ќе продолжиме со реализацијата на нашата владина програма и се надеваме дека овие привремени мерки ќе бидат краткотрајни и дека европската поддршка и помош ќе бидат комплетни, затоа што Косово има потреба од поддршка во неговиот развој, рече Курти.

За одлуките на Брисел да воведе санкции кон Приштина поради непреземањето дејствија за намалување на тензиите во северно Косово по именувањето градоначалници Албанци во четирите општини со мнозинско српско население, Курти рече дека се „неправедни мерки“ кон Косово, со оглед дека на другата страна не се санкционира Србија, која, како што рече, е „автократска и проруска држава… со криминално минато на просторите на поранешна Југославија“.

– Ова не се санкции, туку вистината е дека се времени, но неправедни мерки, затоа што Косово и неговата Влада се најдемократската проевропска и прогресистичка држава и егзекутив. На другата страна имаме постојан судир со разни форми на агресија од Србија, која е автократска и проруска држава и која не се соочила со криминалното минато на просторите на поранешна Југославија, каде што предизвика четири војни, рече Курти.

Според косовскиот премиер, Косово е многу поподготвено и позаинтересирано од Србија за нормализирање на меѓудржавните односи со фактичко меѓусебно признавање.

– Преговарачката маса е за спроведување на договорот за целосна нормализација, како и за деескалација. Ние сме многу поподготвени, и позаинтересирани од другата страна за нормализација со де факто признавање во центарот, за меѓусебно признавање, а исто така сме заинтересирани и за деескалација на состојбата, за што јас и јавно сум зборувал на сите јазици кои ги знам, со цел да имаме мир стабилност на северот на Косово, но и за Косово и Србија да градат добрососедство од европски вид, рече Курти.

Европската унија вчера (сабота, 1 јули) соопшти дека влегле во сила казнените мерки кон Косово лпоорадфи непреземањето дејствија за средувае на состојбите на северот на земјата. Брисел информира дека се суспендирани работата на органите на Советот за стабилизација и асоцијација и програмата на ИПА-фондовите. Исто така се откажуваат билатералните средби со претставници на косовските власти, освен оние кои се однесуваат на спроведување на договорите со Србија и на изнаоѓањето решение за косовскиот север.

Брисел бара од Приштина да го спроведе планот од три точки што го предложи ЕУ, а со кој се бара смирување на тензиите на север, одржување нови градоначалнички избори во четирите општини со мнозинско српско население и враќање на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ.