Курти: Организацијата на Медитеранските игри „Приштина 2030“ е можност за подобрување на спортската инфраструктура

– Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека како во текот на одржувањето на Медитеранските игри „Приштина 2030“, Косово ќе биде домаќин на над 5.000 спортисти од 25 земји членки на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри.

Курти на почетокот на седницата на Владата на Косово рече дека минатата недела во Хераклион, Грција, Косово официјално било избрано за домаќин на 21. Медитерански игри „Приштина 2030“.

„Со мобилизација на целиот владин кабинет, а во соработка со Косовскиот олимписки комитет ѝ дадовме можност на Република Косово да го организира најголемиот меѓународен настан во историјата на нашата земја. Во партнерство со Албанија, овој настан се организира првпат во земја без излез на море. Република Албанија ќе ни овозможи да го користиме брегот на Драч за спортот едрење, за кој е потребен излез на море“, рече Курти.

Тој наведе дека Косово ќе биде домаќин на над 5.000 спортисти од 25 земји членки на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри, меѓу кои 18 европски, две азиски и пет африкански.

Премиерот изјави дека натпреварите во 23 спорта ќе се одржат во општините Приштина, Гнилање, Митровица, Ѓаковица, Призрен, Урошевац, Пеќ, Глоговац, Скендерај, Подуево и Драч.

Тој истакна дека подобрувањето и изградбата на спортската инфраструктура биле во центарот на пријавата и победата на Косово за организација на Медитеранските игри во 2030 година, а во првичниот концепт на овој проект биле вклучени вкупно 24 спортски објекти.

Курти наведе дека ќе се реновираат 10 спортски објекти, меѓу кои и Палатата на млади и спорт во Приштина, како и изградба на нови објекти, национален стадион, комплекс на олимписки базени, тениски комплекс и стрелиште.

„Организацијата на ваквите настани, покрај тоа што е можност за подобрување или модернизација на јавната физичка инфраструктура, како и за зголемување на вниманието на државата за подобрување на спортот, служи и како платформа за зајакнување на нашиот национален имиџ на меѓународната сцена, за економски развој преку спортски туризам, но и отворање нови работни места“, рече Курти.