Лавров: Мировниот план на Киев не е реален, војната ќе се реши на бојното поле

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека мировниот план предложен од Украина, како и најновите предлози на ОН за заживување на договорот за извоз на украинско жито преку пристаништата на Црното Море „не се реални“.

Лавров зборуваше по една недела интензивна глобална дипломатија на годишниот собир на светските лидери во седиштето на ОН во Њујорк, каде Украина и нејзините западни сојузници се обидоа да соберат поддршка за Киев.

„Тоа е целосно неостварливо“, рече Лавров за мировниот план од 10 точки што го промовира Киев. „Не е можно да се спроведе, не е реално и сите го разбираат, но истовремено велат дека тоа е единствената основа за преговори.“

Тој рече дека конфликтот ќе биде решен на бојното поле доколку Киев и неговите западни сојузници останат на таа позиција.

Лавров додаде дека Москва се откажала од иницијативата за жито преку Црното Море бидејќи ветувањата дадени на Русија – вклучително и укинување на санкциите за руската банка и повторно поврзување со глобалниот систем SWIFT – не биле исполнети.

Тој рече дека најновите предлози на ОН за заживување на тој извозен коридор за украинските земјоделски производи се „едноставно нереални“.