Лајчак вели дека ги следи последиците од одлуката на Централната банка на Косово

– Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска изјави дека внимателно ја следи ситуацијата на Косово и последиците од одлуката на Централната банка на Косово, која како што рече, влијае на српската заедница во Косово.

Тој денеска на Фејсбук објави дека минатата недела бил во Белград и Приштина за да разговара со своите партнери за актуелната ситуација и следните чекори во Дијалогот.

Лајчак изјави дека се сретнал со српскиот претседател Александар Вучиќ и со главниот преговарач Петар Петковиќ, како и со косовската претседателка Вјоса Османи, премиерот Аљбин Курти и главниот преговарач на Косово Бесник Бисљими, со кои разговарале за дијалогот и односите меѓу ЕУ и Косово.

– Во освртот на тоа патување, длабинските разговори со лидерите и главните преговарачи на двете страни беа навремени и важни и ни овозможија да ги изразиме нашите очекувања за следните месеци и да разговараме на што ќе работиме, рече тој.

Како што додаде, сега почнува напорна недела за него и неговиот тим, во која тие внимателно ќе се фокусираат на процесот на нормализирање на односите.

– Во овој контекст, јас, исто така, внимателно ги следам случувањата поврзани со регулативата на централната банка на Косово за готовинските операции, кои особено ги засегаат српските заедници кои живеат во Косово, напиша тој.

Лајчак додаде и дека оваа недела ќе замине во Фиренца, каде што ќе држи предавања во Европскиот универзитетски институт за разните аспекти на Западен Балкан.