Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по средбата со косовскиот премиер Албин Курти и неговиот заменик Бесник Бислими, изјави дека има мал напредок во долгорочниот план за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, јави ТРТ Балкан.
Лајчак во обраќањето до медиумите пред Владата рече дека благодарение на дијалогот на крајот на минатата година имало важни резултати, како што е енергетскиот договор и признавањето на регистарските таблички.
Сепак, додаде тој, има мал напредок во поширокиот процес на нормализирање на односите.
„Постигнавме мал напредок во нашиот долгорочен план за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Имаме договор од февруари и март минатата година, што значи дека не треба да се прашуваме што треба да се направи, не треба ни да се прашуваме како да го направиме тоа, прашање е кога треба да го направиме тоа. И нормално, ако ме прашате мене, мислам дека што поскоро треба да започне имплементацијата на овој договор“, рече Лајчак.
Тој рече дека денешната посета на Приштина и вчерашната посета на Белград биле со цел да се разговара за процесот на нормализација на односите и колку може да се постигне пред европските избори годинава.
Одговарајќи на новинарски прашања, Лајчак рече дека на секоја средба се разговара за вооружениот напад во Бањска на 24 септември, а за тоа се разговарало и вчера во Белград. Тој посочи дека се очекува напаѓачите да одговараат за делото, но, нагласи дека истрагата не ја води ЕУ, туку двете државо одделно.
Запрашан дали на состанокот се разговарало за одлуката на Централната банка на Косово од 1 февруари да ја забрани употребата на српскиот динар при платежни трансакции во Косово, специјалниот претставник на ЕУ Лајчак рече дека косовската Влада утре ќе има повеќе информации за тоа прашање.
Европската унија и Соединетите Американски Држави претходно побараа од косовските власти да го одложат спроведувањето на одлуката за употреба само на валутата евро во Косово, за да може решението за ова прашање да се постигне во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Лајчак во Приштина се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи.