Лекот за рак неуспешен во испитувањата: Санофи ги суспендира клиничките испитувања

Француската фармацевтска компанија Санофи го суспендираше тестирањето на лекот за рак на белите дробови што претходно го развил по лошите резултати во последната фаза од испитувањето.

Производителот на лекови ја завршува програмата заснована на антителото тусамитамаб равтансин, откако лекот не успеа да ја надмине хемотерапијата во лекувањето на пациенти со метастатски неситноклеточен карцином на белите дробови, пишува Блумберг.

Акциите на Санофи паднаа за 1,7 отсто во Париз, а вкупно за 12 отсто откако компанијата им објави на инвеститорите дека следната година се очекува помал профит.

Од друга страна, на почетокот на овој месец компанијата прогнозираше повеќе од 10 милијарди евра годишна продажба од неодамна лансирани лекови, како и нови лекови до 2030 година.

Во соопштението на компанијата се нагласува дека Санофи ќе продолжи да го истражува потенцијалот на лековите базирани на истите антитела во лекувањето на некои видови рак.