Либија: Жителите на Дерна ја запалија куќата на градоначалникот поради поплавата што го уништи градот

Жителите на либискиот град Дерна ја запалија куќата на градоначалникот како знак дека не биле навреме предупредени за катастрофалната поплава која однесе илјадници животи.

Жителите велат дека не биле доволно предупредувани од официјалните лица, за кои веруваат дека требало да знаат дека доаѓаат обилните врнежи.

Тие велат дека исто така биле предупредени да останат дома и дека не им било препорачано да се евакуираат.

Досега беше разрешен Градскиот совет на Дерна. Во градот нема интернет или телефонски сигнал, а на новинарите им е наредено да ја напуштат областа поради нападите на кои може да бидат изложени.

Повеќе од 10.000 луѓе официјално се водат за исчезнати откако две стари брани пукнаа, поплавувајќи го градот.