Лидерите на ЕУ ја повторија поддршката за европска перспектива за Западен Балкан, Молдавија и Украина

 – Лидерите на Европската Унија (ЕУ) ја повторија поддршката на Брисел за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија.

По повод 20-годишнината од потпишувањето на Солунската декларација на ЕУ, вчера во Атина се одржа состанок на политичките лидери на ЕУ и Западен Балкан.

Лидерите се собраа и на свечена вечера што ја организираше домаќинот на состанокот, премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, а на вечерата присуствуваа и претседателот на Украина, Владимир Зеленски и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Делегацијата на ЕУ ја предводеа шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и лидерот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Мишел на социјалната мрежа Х, претходно позната како Твитер, објави дека разговорите со Зеленски и Санду биле многу конструктивни и корисни.

„Западен Балкан, Украина и Молдавија имаат заедничко европско наследство, историја и иднина. Проширувањето останува главен приоритет на ЕУ, моќно средство за промовирање на мирот, безбедноста и просперитетот на нашиот континент. Одиме напред за да ја направиме реалност оваа европска визија“, порача Мишел.

Фон дер Лајен порача дека е нужно ЕУ што побрзо кон себе да ги приближи пријателите што се кандидати за членство во Унијата.

„Мора побрзо, многу поблиску кон нас да ги приближиме нашите пријатели што се кандидати за членство во ЕУ. Задоволство ми е што сум во Атина да разговараме за европската перспектива на нашите соседи и партнери на Источен и Западен Балкан. Ќе продолжиме да ги отстрануваме бариерите меѓу нашите региони“, рече Фон дер Лајен.

Шефицата на Европската комисија одржа билатерални средби во рамките на вчерашниот собир во Атина, а имаше и одделни состаноци со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Фон дер Лајен соопшти дека разговарале за прашања за намалување на тензиите во северниот дел на Косово, враќање на олеснувањата на дијалогот на ЕУ и спроведување на договорот за нормализација на односите.

На Самитот на лидерите на ЕУ што се одржа во Солун 2003 година, шест земји од Западен Балкан идентификувани се како земји „потенцијални кандидати“.