Лога разочаран од условите во Идризово, бара итна амнестија за растоварување на капацитетите

Мизерни, катастрофални и супстандардни услови за издржување на затворските казни. Пренатрупаност, затвореници спијат на под, нема соодветна здравствена заштита, нема соодветни санитарии, искршени кревети, мувлосани ѕидови. Овие услови докажуваат зошто ни е потребен итно закон за амнестија, со кој барем минимално ќе се растоварат капацитетите.

Ова го соопштува Министерството за правда, по увидот во КПУ „Идризово“ што го извршиле денеска министерот за правда, Кренар Лога, претседателот на Анкетната комисија за заштита на човековите слободи и права, Халил Снопче и директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ, во присуство на директорот на КПУ Идризово, Зоран Јовановски. Тие се запознале со состојбата и условите во затворот, разговарале со затворениците и биле информирани за проблемите со кои се соочуваат.

– Се работи за луѓе. И покрај извршените дела, тие се луѓе и заслужуваат достоинство. Наместо ресоцијализација и враќање во нормален живот, со ваков третман состојбата на овие лица може да се влоши уште повеќе, наведуваат од Министерството за правда.

Оттаму апелираат оваа состојба да не се злоупотреби за политички цели, а пратениците да покажат хуманост и да дадат поддршка на Законот за амнестија.