ЛОШИ ВЕСТИ ЗА ГЕРМАНСКАТА ИНДУСТРИЈА: Планирани масовни отпуштања

Германската компанија Бош планира да укине 3.500 работни места ширум светот до крајот на 2027 година, а тоа ќе влијае на вработените во администрацијата на нејзината подружница BSH, специјализирана за апарати за домаќинство.

  • За да ја зачува својата конкурентност и да ги финансира потребните инвестиции, БСХ мора во голема мера да ги намали трошоците, особено имајќи ги предвид променливите состојби на пазарот и се уште тешката економска состојба – се наведува во соопштението на БСХ.


Производителот на машини за перење и кујнски апарати цели кон „индиректни“ работни места, односно надвор од производните линии, се наведува во соопштението и се додава дека во текот на оваа година ќе бидат укинати 1.000 работни места.

BSH, основана во 1967 година, произведува апарати од неколку марки, во моментов вработува повеќе од 60.000 луѓе ширум светот, вклучувајќи 17.000 во Германија.

Најавата е уште една лоша вест за германската индустрија, која се соочува со загрижувачка криза на конкурентноста што резултираше со пад на бруто домашниот производ (БДП) за 0,3 отсто минатата година.

Групацијата Bosch, чија основна дејност е автомобилската индустрија каде што е светски лидер во производството на опрема, веќе најави отпуштања. Раководството на Бош во јануари објави дека ќе укине 1.200 работни места.

Групацијата, која вработува 427.600 луѓе ширум светот, очекува да има лоша година во 2024 година , особено поради пазарот на електрични автомобили, чија побарувачка не расте колку што се очекуваше.