Лоши вести за фудбалерот повреден од петардата, Грчката федерација подготвува изненадувачка одлука

Шпанскиот дефанзивец Хуанкар доживеа потрес на мозокот и делумно губење на слухот од петарда која експлодира до него за време на грчкиот класик меѓу Олимпијакос и Панатинаикос, што предизвика прекин на натпреварот меѓу двата вечни ривали. Левиот бек на гостинскиот тим падна на земја додека се загреваше во близина на теренот, откако до него експлодираше петарда фрлена од навивачите на Олимпијакос.

Шпанскиот фудбалер потоа бил префрлен во приватната болница „Игеја“, каде и понатаму е хоспитализиран, објави денеска грчкиот спортски печат.

Првите тестови на кои бил подложен покажале делумно губење на слухот и лавиринтски шок, траума на внатрешното уво што обично предизвикува нестабилност, мачнина и вртоглавица, а до крајот на животот помалку ќе слуша во увото кое било повредено од експлозијата на петарда.

По инцидентот, кој се случи неколку минути откако Олимпијакос израмни на 1:1, фудбалерите на Панатинаикос се повлекоа во соблекувалната и одбија да го продолжат натпреварот.

Како што пренесуваат грчките медиуми, конечниот резултат од натпреварот сепак ќе се решава на теренот и натпреварот нема да биде регистриран со службен резултат во корист на Панатинаикос, што секако е изненадувачка одлука, доколку и официјално биде потврдена.