Легендарниот хрватски фудбалер Лука Модриќ ја прифати понудата на Милан да стане дел од тимот на „росонерите“ за следната сезона, објави „Ла Република“.
Модриќ постигна договор со челниците на клубот од Сан Сиро, кои му понудија договор на една година, а останаа само неколку мали детали да се договорат за да се склучи соработката.
Славниот играч од средниот ред пред неколку дена објави дека го напушта Реал, за кој наскоро ќе ги игра последните натпревари на Светското клупско првенство, а неодамна му беше упатено емотивно збогување на стадионот „Бернабеу“.
Новиот тренер на Милан, Масимилијано Алегри, го направи Модриќ една од своите главни цели за летниот преоден рок, и се чини дека брзо ќе биде остварен.
И покрај тоа што има 39 години, се очекува Модриќ да биде големо засилување за Милан, кој веројатно ќе биде без Тијанџин Рејндерс како најдобар играч. Холанѓанецот е на работ на трансфер во Манчестер Сити.
Модриќ имаше понуди и од Саудиска Арабија и Америка, но сака да остане во Европа за да биде во најдобра можна форма пред Светското првенство следната година во Америка.