– Руските сили повторно ги минираа приодите до нуклеарната централа Запорожје што е под нивна контрола, се наведува во извештајот објавен денеска од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), цитиран од ДПА.
Мините се наоѓаат меѓу внатрешната и надворешната ограда, околу нуклеарната централа лоцирана во близина на линијата на фронтот, се додава во извештајот.
Руските сили во ноември ја деминираа централата, соопшти ДПА.
-Новото минирање во објектот не е во согласност со безбедносните стандарди, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.
Тој, исто така, предупреди дека раководителите во фабриката, назначени од Русија, веројатно нема да извршат сеопфатно одржување на објектот оваа година. Минатата недела на постојаните набљудувачи на МААЕ им беше претставен работниот план за нуклеарната централа Запорожје, но организацијата смета дека тој е нецелосен.
-Оваа поддршка мора да се направи за да се обезбеди нуклеарната безбедност, инсистираше Гроси.
Во поткрепа на ставот МААЕ соопшти дека пред неколку дена осум часа не функционирал дел од резервниот електроенергетски систем на централата.
Иако инцидентот не го прекина снабдувањето со елекстрична енергија што е потребна за ладење на радиоактивниот материјал, Гроси уште еднаш изрази загриженост поради недостигот на доверливост на безбедносните системи дизајнирани да спречат нуклеарна несреќа.