Ништо ново за регионот не донесе Декларацијата усвоена вчера од лидерите на ЕУ – Западниот Балкан која во 35 точки ги повторува барањата на Унијата до земјите од регионот за владеење на правото, одржливи и неповратни реформи, борба против корупцијата и организираниот криминал, функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација, но и пораката дека неговата иднина е во Унијата. Деклaрацијата дури бара и забрзување на пристапувањето.
„Повикува на забрзување на пристапиот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на заслуги, што е во наш заеднички интерес. ЕУ го поздравува постигнатиот напредок од страна на партнерите од Западен Балкан на нивниот европски пат на Самитот во Тирана. Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“, се наведува во документот.
Декларацијата не ги заобиколува ниту добрососедски односи и решавање на билатерални спорови, па во шестата точка од Декларацијата, без конкретно да се спомене Македонија, се наведува договориете со Грција и со Бугарија.
„Спроведување на билатералните договори со добра волја и мерливи резултати, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработката со Бугарија и понатаму се важни“, се наведува во Делкарацијата.
Во Декларацијата има посебна точка за спорот меѓу Белград и Приштина, при што се бара имплементација на договореното во Охрид, без натамошно одложување или предуслови за нормализација на односите. Декларација бара надминување и на билатерланите спорови, со инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатерални спорови и прашања чии корени се во минатото. Сепак и покрај таквата усвоена точка во Декларацијата, Албанија се соочува со можно вето од Грција на патот кон ЕУ поради случајот на уапсениот градоначалник во Албанија од грчкото етничко малцинство.
Унијата во декларацијата наведува дека има за цел да го приближи Западен Балкан до себе подготвувајќи го теренот за пристапување за што таа има намера да искористи дополнителни мерки за негова постепена интеграција. Притоа неповратноста на процесите и принципот на заслуги остануваат клучни.
„Ние сакаме да ја забрзаме нашата работа за да го донесеме Западниот Балкан поблиску до ЕУ. Што значи дека двете страни имаат јасни патокази кои се однесуваат на реформите, владеењето на правото, правдата и напорите кои треба да бидат направени за да може да се подготвиме за ова проширување, кое секако мора да биде според заслуги, но треба да ја има предвид и специфичната состојба денес во Европа“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Дека специфичната состојба на која решерираше Мишел за да се забрза проширувањето нема да донесе отстапка за Македонија, која за да продолжи во втората фаза од преговорите со Унијата мора да ги спроведе уставните зимени, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Инаку Декларацијата ЕУ западен Балкан усвоена синоќа во Брисел во речиси две третини од усвоените точки реферира на начините како регинот да се приближи до ЕУ притоа промовирајќи го Планот на раст на Европската унија и механизмите кои ги предвидува тој за таа цел.