Македонија: Нема доволно работници, ниту пак примаат странски работници

Иако се соочува со недостиг на работна сила, Македонија е меѓу земјите во регионот со најниска квота за увоз на странски работници.

Нашите институции лани издадоа само 4.300 работни дозволи на странци, додека 5.000 се резервирани за годинава. Индустријата, туристичкиот сектор и градежништвото се соочуваат со повеќе проблеми.

„Гледаме дека Србија се уште има квоти. Хрватска веќе нема квоти. Заклучно со јули, таму имало 108.000 странски работници. Србија околу 25.000…“, нагласи Борче Стојчевски, Здружение за заштита на работниците и работничките права „Тутела“.

Нашата квота беше пополнета пролетва, главно за потребите на турските градежни компании кои носат работници од Турција.

Така, другите сектори не можеа да се потпрат на странски кадри. Стојчевски вели дека државата дефинитивно треба да анализира кои работни места се потребни и да им ги поедностави процедурите, но барем да се погрижи за основно познавање на глобален странски јазик.

„Кај нас ако немаме минимум познавање на јазикот ќе имаме сериозен проблем од една страна, а од друга страна е тежок процес и за самите работодавци и за странските работници. Да бараме од странскиот работник да учи македонски, не би ни работел“, изјави Борче Стојчевски, Здружение за заштита на работниците и работничките права „Тутела“.

Хотелиерите и гастрономите се многу погодени од моменталната состојба, бидејќи голем дел од локалниот персонал од пролет до есен заминал на работа во Хрватска.

„За да ги задржиме работниците, дефинитивно треба да добиеме повеќе приходи за да можеме да добиеме повисоки плати. И Хрватска ги зголеми цените и тие се многу повисоки отколку во Охрид. Вработените што заминаа од тука и отидоа во Хрватска, дали се среќни или не, ќе си кажат“, рече Керсте Блажески – претседател на ХОТАМ.