Макрон: Идејата за Палестина и Израел како две држави не е застарена

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска во Каиро се заложи за „конечно да се постигне решение за две држави, Израел и Палестина, кои живеат една до друга во мир и безбедност“.

Макрон посочи дека идејата не е „застарена“ само затоа што е стара. Терминот „застарен“ во овој контекст стана познат во 1989 година, кога го употреби шефот на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Јасер Арафат, кога се менуваше Палестинската национална повелба.

Во тоа време, таа повелба се залагаше за пропаст на Израел.

Хуманитарната помош мора непречено да влезе во Газа

Хуманитарната помош мора да влезе во Газа без пречки, рече Макрон денеска во Каиро, на заедничката прес-конференција со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.

Макрон рече дека е од суштинско значење да се обезбеди снабдување со гориво за болниците, велејќи дека бродот на француската морнарица наскоро ќе пристигне за да помогне во поддршката на болниците во Газа, а авион ќе пристигне во Египет со основни резерви, објави Ројтерс.

На средбата со Сиси тој ја потврди потребата да се избегне регионална ескалација.

Францускиот претседател нагласи и дека слушнал порака од египетскиот претседател за двојни стандарди и нагласи дека Франција не практикува двојни стандарди.

Сиси рече дека се согласил со Макрон да работи на ограничување на кризата во Газа, да испрати помош и да се обиде да спречи други страни да влезат во конфликтот.

Тој рече дека францускиот претседател разбира дека секое раселување на Палестинците од Појасот Газа на египетска територија ќе биде „исклучително опасно“.

,,Ги осудуваме сите дејствија што ги засегаат сите цивили и треба да се реши според истите стандарди“, рече Сиси.