Малјар: Русија ги префрла во Бахмут платениците на „Вагнер“ од целата линија на фронтот

-Русите се склони кон симболики, а нивниот клучен историски мит е 9 мај и тие навистина се насочени кон заземањето на Бахмут до тој датум, рече Малјар на украинската телевизија.

Украинската заменик министерка за одбрана, Хана Малјар, денеска изјави дека не е точно дека платениците на групата „Вагнер“ за пет дена ќе се повлечат од Бахмут, туку Русија кон овој град ги префрла сите борци на оваа воена компанија од целата линија на фронтот во Донбас.

Таа оцени дека Русија тоа го прави во обид да го освои градот до одбележувањето на Денот на победата, на 9 мај, пренесуваат британските медиуми.

-Русите се склони кон симболики, а нивниот клучен историски мит е 9 мај и тие навистина се насочени кон заземањето на Бахмут до тој датум, рече Малјар на украинската телевизија.

„Сега гледаме како силите на „Вагнер“ се повлекуваат од целата линија на фронтот каде што дејствуваат и дека се упатуваат во правец на Бахмут“, додаде таа.

Претходно денеска, сопственикот на „Вагнер“, Евгени Пригожин, изјави дека неговите сили ќе го напуштат Бахмут на 10 мај бидејќи не добиваат доволно муниција од руското Министерство за одбрана.