Манчестер Сити првпат во историјата шампион на Европа

– Фудбалерите на Манчестер Сити станаа европски шампиони откако го совладаа Интер со резултат 1:0 во финалето на Лигата на шампиони на УЕФА на олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул.

Сити имаше голема шанса веќе во 6. минута кога шутот на Бернардо Силва заврши покрај голот.

Интер имаше добра шанса во 25. минута по грешката на голманот на Сити, Едерсон, но Николо Барела беше непрецизен. Манчестер Сити две минути подоцна имаше одлична шанса, но Ерлинг Халанд шутираше директно во голманот на Интер.

Англискиот тим во 35. минута остана без Кевин де Брујн, кој поради повреда го напушти теренот, а го замени Фил Фоден. Потоа, главно, се играше на средина на теренот, па првото полувреме заврши без голови.

Во 59. минута Интер имаше одлична шанса за гол кога Лаутаро Мартинез се најде сам пред голманот Едерсон. Го имаше Лукаку во петерецот, но Аргентинецот реши да шутира и голманот на Интер одбрани.

Сити поведе во 68. минута, а стрелец беше Родри по асистенција на Силва. Три минути подоцна Интер можеше да израмни. Федерико Димарко се обиде со глава да му дофрли на Едерсон, но ја погоди пречката. Манчестер Сити во 78. минута имаше одлична шанса, но ударот на Фоден го одбрани Онана.

Во 89. минута Интер имаше одлична можност откако Лукаку упати удар со глава, но топката го погоди коленото на Едерсон и немаше промена во резултатот. Фудбалерите на Сити успеаја до крајот да ја задржат предноста и така да ја освојат титулата во Лигата на шампиони на УЕФА.

Англискиот тим така ја освои својата прва титула европски првак, а Интер пропушти четврти пат во својата историја да го освои трофејот во Лигата на шампиони.