– Северна Македонија ја продолжува својата посветеност кон европската интеграција, со значителен напредок по успешната реализација на скрининг процесот, мотивирани од Планот за раст кој е стратегија со намена за забрзување на економско приближување со земјите од ЕУ.
Ова, како што информира Секретаријатот за европски прашања,го заклучиле вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и генералниот директор за Европа и меѓународна трговска политика од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Италија, Никола Верола.
Маричиќ истакнал дека регионалната соработка на Западен Балкан е многу важна за успешно стратешко планирање на Планот за раст и спроведување на реформите во државата.
-За нас е важно да останеме на европскиот курс со оглед на моментумот со кој располагаме и кој Европската Унија го нуди како можност, посочил Маричиќ.
Верола укажал на поддршката на Италија за прогресот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, истакнувајќи ги позитивните сигнали кои ги праќа во ЕУ за државата и за Западен Балкан, со цел тие да станат дел од европското семејство.
-Двете страни се сложија дека оваа шанса е реалност и остварлива цел за Северна Македонија да стане полноправна членка во ЕУ. На состанокот беше истакната важноста да се искористи моментот, да не се пропушта можноста со оглед на бенефициите кои државата би ги добила штом стане дел од Унијата, соопшти Секретеријатот за европски прашања.
Маричиќ го потврдил значењето на долгогодишната соработка и се заблагодарил за поддршката на Италија за суштинското прашање на државата за приклучување во Европската Унија.
На средбата учествувале и Андреа Касконе, претставник од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Италија заедно со италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри и заменик шефот на мисијата Марио де Роза.