Маричиќ: Земјоделците од Северна Македонија да ја користат следната ИПАРД програма како граѓани на земја-членка на ЕУ

Вицепремиерот Бојан Маричиќ престојуваше во работна посета во Прилеп, каде пред почетокот на проектот „Ние сме Европа“ ја посети фабриката за сточна храна „ЕКО-МЛИН“, корисник на ИПАРД 2 програмата.

При посетата на објектот и преку разговорот со сопствениците, Маричиќ, како што информираат од неговиот кабинет, рекол дека ЕУ инвестира во земјоделството во земјава и ги подготвува земјоделците за европскиот пазар, нагласувајќи дека во последните 15 години, со помош на со средства од ЕУ, направени се значителни инвестиции во модернизација и консолидација на земјоделското производство и преработка, приближување кон повисоки стандарди, квалитет и безбедност на храната, а со поддршка на Владата се обезбеди стабилност на приходите на производителите.

„Со ИПАРД 2 програмата докажавме зошто сме лидери во регионот и дека знаеме ефективно и ефикасно да ги искористиме сите средства кои Европската Унија ни ги стави на располагање. ЕУ го наградува тој успешен наратив и го продолжува со ИПАРД 3 2021-2027, ставајќи на располагање 97 милиони евра неповратни европски фондови за нови инвестиции, развој и модернизација на локалното земјоделство“, рече Маричиќ.

Тој, се вели во соопштението, додава дека се обезбедени 30,7 милиони евра неповратни европски пари во рамки на ИПАРД 2 програмата за инвестиции во основни алатки за преработка и маркетинг на земјоделски производи, за 146 проекти, а еден од тие проекти е проектот „ЕКО-МЛИН“, кој доби поддршка од седум милиони денари за подобрување на производните капацитети.

Вицепремиерот, во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Лупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потсети дека во тек е првиот повик од новата ИПАРД 3 програма. за мерките 1 и 7 и рече дека во завршна фаза е административната и владината процедура за потпишување на финансискиот договор, со што ќе започне испраќањето на барањата.