Маричиќ: Туризмот е на врвот на приоритетите на Европската Унија

Во продолжение на караванот „Ние сме Европа“, зав Премиерот Бојан Маричиќ од отворениот форум во Охрид на тема: Зачувување на културното наследство и природните убавини за одржлив туризам изјави дека туризмот е на врвот на приоритетите на Европската Унија.

„ЕУ го гледа туризмот како исклучително важна економска активност со широко влијание врз економскиот раст, вработувањето и социјалниот развој“, рече Маричиќ.

Тој во своето излагање ја нагласи информацијата дека туристичкиот сообраќај е зголемен и во вториот квартал од 2023 година – и дека порастот е 28 отсто во однос на истиот период лани. Двата квартали од 2023 година се со пораст од 24% во однос на претходната година, со остварени приходи од 229 милиони долари од туристички сообраќај.

„Пандемијата Ковид-19 помина и туристичките номади се вратија на своите омилени дестинации и освојуваат нови дестинации. Деновиве сме сведоци на нови регионални извештаи според кои излегуваме на врвот како најповолна дестинација за дигитални номади и туристи“.