МАСАКРОТ ПЛАНИРАН УШТЕ ОД НОЕМВРИ, ПУТИН НЕ ЈА СФАТИЛ СЕРИОЗНО АМЕРИКА: Како ги отфрли предупредувањата за крвав напад на Москва (ВИДЕО)

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на популарната концертна сала во близина на Москва во петокот, но Кремљ не ги потврди тврдењата, а Федералната служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека „терористите имале намера да ја преминат руско-украинската граница и имале контакти на украинската страна“.

Терористичката група ја презеде одговорноста за нападот во кусото соопштение објавено на Телеграм од страна на новинската агенција Амак, поврзана со ИСИС во петокот.

Тие не дадоа докази за да го поддржат тврдењето. Еден ден по нападот, исламистите повторно се огласија и рекоа дека „нападот е извршен во контекст на безмилосна војна меѓу Исламската држава и земјите кои се борат против исламот“.

Најсмртоносниот терористички напад врз Москва во модерната историја се случи помалку од една недела откако претседателот Владимир Путин убедливо победи на претседателските избори и обезбеди уште еден мандат, зајакнувајќи ја својата контрола врз земјата со која управува повеќе од 20 години.

Американците ја информирале Русија дека ИСИС планирала напад уште од ноември

Претходно овој месец, Амбасадата на САД во Русија соопшти дека „ги следи извештаите дека екстремистите наскоро можеби планираат да таргетираат големи собири во Москва“, вклучително и концерти. Пред две недели, амбасадата ги предупреди граѓаните на САД да избегнуваат големи собири. Во петокот, по извештаите за терористички напад, на американските граѓани им беше препорачано да не патуваат во Русија.

Почнувајќи од ноември, постоеше постојан проток на разузнавачки информации дека ИСИС-К е решена да нападне во Русија, според два извори запознаени со информациите.

ИСИС-К е кратенка од ИСИС-Корасан, филијала на терористичката организација активна во Авганистан и околниот регион.

Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, рече дека американската влада има информации за планиран терористички напад во Москва – потенцијално насочен кон големи собири, вклучително и концерти – и тоа го натера Стејт департментот да издаде јавна изјава.

– Оваа информација американската влада ја сподели со руските власти во согласност со својата долгогодишна политика „должност да предупредува“ – рече Вотсон.

Путин ги отфрли предупредувањата: „Тие сакаат да не заплашат“

Во говорот во вторникот, Путин ги оцени предупредувањата на САД како „провокативни“, велејќи дека „овие акции наликуваат на директна уцена и намера да се заплаши и дестабилизира нашето општество“.

Тој рече дека „непријателот нема да успее да го заплаши рускиот народ“.

– Неодамна реков дека непријателот одлучи да го заплаши рускиот народ, мултинационалната заедница на Русија. Тоа никогаш не се случило, ниту ќе се случи. Обидите на непријателот да ги заплаши Русите имаат спротивен ефект – изјави тогаш Путин.

Само во март, руските власти спречија неколку инциденти поврзани со ИСИС, според РИА Новости. На 3 март, агенцијата објави дека шест членови на ИСИС биле убиени во антитерористичка операција во Ингушетија Карабулак; На 7 март беше објавено дека безбедносните служби откриле и „неутрализирале“ ќелија на забранетата организација Вилаиат

Корасан во регионот Калуга, чии членови планирале напад на синагога во Москва; а на 20 март беше кажано дека е приведен командантот на борбената група на ИСИС.

Американски официјален претставник во петокот рече дека Вашингтон нема причина да се сомнева во преземањето на одговорноста на ИСИС за последниот напад.

Што кажа ИСИС?

Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот во петокот вечерта, а денеска објави фотографија на која тврди дека се прикажани четворицата напаѓачи кои го извршија смртоносниот терористички напад на концертната сала Крокус, објави новинската агенција ИСИС Амак на својот канал Телеграм.

„Нападот беше извршен во контекст на безмилосна војна меѓу Исламската држава и земјите кои се борат против исламот“, се вели во соопштението на новинската агенција Амак, пренесува Ројтерс.

Исламска држава ја презеде одговорноста за синоќешниот напад на концертната сала „Крокус“, но има индиции дека Русија ги истражува врските на напаѓачите со Украина, иако украинските власти велат дека официјален Киев немал никаква врска со нападот.