Медведев: Русија го прекина учеството во договорот „Нов СТАРТ“ како одговор на американската политика
Русија го прекина учеството во новиот Договор за намалување на стратешкото вооружување „Нов СТАРТ“, како одговор на антируската политика на Вашингтон, изјави денеска заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев.
„САД го добија тоа што го заслужија за својата глупава антируска политика, односно суспендирање на новиот СТАРТ. Не можете да се борите против Русија, а да изгледа дека на прашањата за стратешката стабилност се работи како и вообичаено“, напиша Медведев на Твитер на англиски.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во своето обраќање пред Сојузното собрание соопшти дека Русија го прекинува учеството во „Нов СТАРТ“, но дека не се повлекува од него.
Путин нагласи дека пред да ги продолжи разговорите за натамошните активности во рамките на договорот, Русија мора сама да разбере, како што наведе, „што бараат земјите од НАТО како што се Франција и Обединетото Кралство“ и како ќе се земат предвид нивните стратешки арсенали.