МЕДВЕДЕВ СЕ ЗАКАНИ ЗА НАПАДОТ НА КРИМСКИОТ МОСТ: „Треба да им ги дигнат куќите во воздух“

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев денеска изјави дека искуствата, домашните и меѓународните, покажуваат дека „невозможна е борба против терористите со меѓународни санкции и заплашувања и дека тие го разбираат само јазикот на силата“.

„Затоа е неопходно да се разнесат куќите на терористите и куќите на нивните роднини, да се бараат и елиминираат нивните соучесници. Но, најважно е да се уништи највисокото раководство на терористичките формации, во какви пукнатини и да се кријат овие инсекти. Тешко е, но е изводливо“, рече Медведев на Телеграм, пренесува РИА Новости.

Лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) Денис Пушилин изјави дека украинските власти „сега терористичкиот напад на мостот на Крим го претставуваат како национално достигнување“.

„Тие се обидуваат да ги прикријат сопствените неуспеси со напади врз цивилното население и цивилната инфраструктура“, рече вршителот на должноста шеф на ДНР на Телеграм.

Две лица загинаа, а едно дете е повредено во нападот утринава на мостот на Крим, за кој Русија ја обвини Украина.