Мерис: Работната група на ЕУ следната недела ќе дебатира како ќе се спроведува одредбата за патните исправи од Договорот од Преспа
Амбасадорот на Белгија во Македонија, Фредерик Мерис, предупреди дека работната група на ЕУ следната недела ќе расправа за тоа како ќе се спроведува одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши треба да го променат името Републикa Северна Македонија.
Мерис, во интервју за „Независен“, објавено денеска, оценува дека ќе биде лошо доколку ЕУ нема заеднички став за спроведувањето и доколку самите земји членки решат како ќе се однесуваат кон граѓаните на Северна Македонија со неважечки пасоши. .
„Се уште не знаеме како Белгија ќе ја спроведе промената и како ќе се однесува со вашите граѓани без валиден пасош, сè уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, ова е дел од одговорноста на претседавањето со ЕУ. Ќе имаме средба на почетокот на следната недела на европско ниво. Во рамките на ЕУ има работна група која се занимава со вакви прашања и ќе работиме на дефинирање на заеднички став за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓето да одат преку Унгарија и Србија, додека Австрија има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Значи, во основа, да, треба да имаме поголема јасност следната недела за ова прашање“, рече Мерис.
Утре на полноќ истекува преодниот рок од пет години, поточно одредбата од Договорот од Преспа, со која нема да важат пасошите и документите за меѓународна употреба кои го носат старото име на државата.