Меџити: Секоја здравствена установа добива буџет од ФЗО, но имаме слаб менаџмент

 – Не е дека нема буџет во здравствените институции, но нема ред и нема дисциплина. Секоја здравствена установа во Македонија добива буџет од Фондот за здравствено осигурување, но имаме слаб менаџмент што го оставаме да работи по неколку години а немаат никаков резултат, истакна министерот за здравство, Фатмир Меџити, одговарајќи на прашањата на пратениците на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Меџити рече дека ќе даде се од себе, заедно со сите граѓани за изградба на здравствениот систем за да заличи на, како што рече, како што наликува на една сериозна држава.

-Навистина размислуваме за одговорно решавање на проблемите за пациентите кои мора да патуваат назад во другите градови во тешка состојба после тешките терапии за да ги решиме овие проблеми еднаш засекогаш, тоа е најбитно во здравството, додаде Меџити.

Во однос на недостигот на кадри, Меџити рече дека министерството има иницијативи за трансформација на работниците со договор да бидат на неопределено време.

Прашан дали ќе даде оставка како чин на морална одговорност, министерот Меџити нагласи дека неговата оставка нема да придонесе ништо, бидејќи како што рече, работите што се случиле, се случиле пред тој да пристапи во функција.

Додека на прашањето дали имал политички притисоци после сите случувања со овој случај, тој рече дека не се чувствувал под притисок и дека не би дозволил да се чувствува под притисок.

Министерот Меџити, одговарајќи на прашање поврзано со позитивната листа, рече дека таа листа ќе се ажурира два пати годишно.

-15 години не можел некој да ја ажурира позитивната листа. Срамота за државата, јас се срамам како лекар и како министер. Постапивме веднаш со сите капацитети и формиравме стручна комисија, јасни протоколи, и веќе таа позитивна листа нема да биде волја на некој министер, тоа ќе биде решение и ќе се ажурира два пати годишно, рече Меџити.

Додавајќи дека 15 години нема лекови на местото на дефицитарните лекови, рече дека се разгледува поставување на лековите кои немаат финансиска импликација.

-Многу ми е битно големиот број пациенти со хронични болести, што најмногу користат таква терапија, прво да се даде приоритет на таквите терапии и на тие што немаат многу финансиска импликација за да можат граѓаните да ги примат лековите кои ги заслужуваат, рече Меџити.

Во однос на прашањето околу биолошката терапија, министерот Меџити рече дека во моментов немаме дефицит на биолошката терапија, може да има мал застој но тие се набавуваат.