Меџити: Ќе се истражи случајот во Центарот за јавно здравје во Куманово, уште утре ќе има инспекција
Министерот за здравство фатмир Меџити најави дека инспекција во Центарот за јавно здравје – Куманово поради наводите дека се издаваат лабораториски резултати на пациентите, иако ововјцентар има забрана за вршење на дејност од Државниот инспекторат бидејќи нема микробиолог кој треба да им ги прочита резултатите.
-Пред два дена сум запознаен за тоа дека нема микробиолог и дека од наша страна, веднаш е дадена согласност за микробиолог. Уште од првиот ден кога станав министер се изјаснив дека нема доволно менаџери кои си ја вршат својата работа, а има и такви кои не знаат да раководат со институциите. Токму поради тоа ќе го истражиме случајот докрај, така што, уште од утре ќе има инспекции. Апелирам да се пријават вакви случаи и тоа што службите ќе го забележат на лице место, најригорозно да има санкции, изјави Меџити на новинарско прашање по посетата на поликлиниката Јан Сандански.
Тој се осврна и на најавата за 600 нови вработувања на лица кои работат подолго време со договор на дело, истакнувајќи дека за брзо време ќе се најде решение со Министерството за финансии и Фондот за здравство.
-Побаравме од Владата и Министерството за финансии да има повеќе вработувања во здравството низ целата држава, бидејќи како што знаеме сите, има дефицит на кадар. Настојуваме да се разреши овој случај и сметам дека од септември ќе знаеме точно, колку ќе има нови вработувања, плус оние кои веќе се вработени но не добиле решение, истакна министерот