Мизрахи е загрижена што има целосна суспензија на контролните механизми кои биле поврзани со работата на Клиниката за онкологија

„Почна со работа Анкетната комисија во смисла на повикување на сведоци. Први беа повикани екс министерот за здравство, Беким Сали, меѓутоа исто така и министерот актуелен за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Беким Сали ја даде изјавата во врска со периодот на неговото престојување како министер за здравство, тоа се 11 месеци. И баш за тој период, 2021 година за кој што се однесува Извештајот на ДСЗР, тој кажа дека не ги имал информациите и дека истите не биле во целост достапни за него за тој да може да покрене одредена иницијатива на истрага“. ова денеска го истакна Рашела Мизрахи, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител тв.

Таа додаде дека Сали потенцираше дека има многу оскудни информации за КАТО системот и останатите системи кои што би требало да бидат контролни механизми на работењето на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

„Она што повеќе ме загрижи мене од изјавата од него беше поврзано и баш со Извештајот на ДСЗР каде што тој видел односно се приметило абнормалности во однос на финансиските извештаи на самата клиника и баш заради тоа го викнал директорот и разговарал со него за да види како можат да се надминат тие ситуации. Барал и вонредна расправа односно вонредна инспекција од страна на Фондот за здравствено осигурување, меѓутоа тука и му завршил мандатот“, рече Мизрахи.

Таа посочи дека Извештајот на ДСЗР е доста детален и првата работа што се забележува е дека немало никаков одговор од самата Клиника за онкологија.

„ВМРО-ДПМНЕ веќе достави листа на луѓе кои што сакаме да дојдат и да разговараат со Анкетната комисија и да ги дадат своите изјави. Тоа е листа од 44 поранешни и сегашни функционери и раководители на различни степени во самите институции, кои што ќе треба да посведочат. Социјалдемократскиот сојуз даде листа од 27 сведоци, Левица чинам дека предложи еден сведок. А, исто така ВМРО-ДПМНЕ побара документација 44 различни архивирани документации кои што се однесуваат на различни институции и од нив ќе утврдиме што се случувало“, појасни Мизрахи.

Таа посочи дека она што нејзе ја загрижува и што може да се утврди е целосна суспензија на контролните механизми кои што биле поврзани со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.