Милатовиќ: Црна Гора направи одлучен чекор напред

 Црна Гора направи одлучен чекор напред, кон европска, поубава и поправедна држава, изјави новоизбраниот претседател Јаков Милатовиќ.

 Црна Гора направи одлучен чекор напред, кон европска, поубава и поправедна држава, изјави новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Милатовиќ на прес-конференцијата рече дека ова е победа на помирена Црна Гора.

„Вечерва Црна Гора направи еден одлучен чекор напред, кажа пресудно збогум на застарениот режим на Мило Ѓукановиќ. Црна Гора направи одлучен чекор напред, кон европска, поубава и поправедна држава“, наведе Милатовиќ.

Тој истакна дека ова е голема, историска победа. Им се заблагодари на сите граѓани кои излегле и гласале и „дополнително му дале легитимитет на овој демократски процес“.

„Вечерва го оставаме минатото во минатото. Силно чекориме во иднината. Ова е еден историски ден за сите нас“, порача Милатовиќ и ги повика сите „достоинствено да ја слават победата“.

„Никогаш повеќе нема да нè осиромашат, да нè поделат и нема да ја заробуваат државата со криминал и корупција. Ние вечерва, сите заедно рековме дека Црна Гора оди напред, дека оди кон богатство, кон земја на правдата, помирувањето и заедништвото. Јас како претседател на Црна Гора, заедно со сите вас, во наредните 5 години ќе ја воведам Црна Гора во ЕУ“, истакна Милатовиќ.

Тој додаде и дека никогаш повеќе од Црна Гора „нема да има тензии кон ниту една земја од Западен Балкан, нашите соседи и комшии“.

„Црна Гора сака најдобри односи со сите земји од Западен Балкан. Посакуваме заедничка слога и напредок во европски Западен Балкан“, рече Милатовиќ.

Тој нагласи дека сакаат да се занимаваат со теми што се од животно значење.

„Владеење на правото, економија и европски интеграции. Тоа се нашите клучни приоритети. Му рековме збогум на погубниот режим и на последниот диктатор во Европа“, додаде Милатовиќ.