– Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, пристигна во посета на Северна Македонија, каде што беше пречекана од министерот за надворешни работи на земјата, Бујар Османи.
Двајцата министри одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше билатерална средба помеѓу двете делегации.
На заедничката прес-конференција беше истакнато дека ова е историска посета на еден министер за надворешни работи на Канада во Скопје, прва по 25 години.
Министерот Османи истакна дека имал продуктивна средба на која биле отворени важни прашања за билатералните односи што пред неколку години се издигнати на ниво на стратегиско партнерство.
Тој истакна дека за подобрување на економската соработка е иницирана посета на бизнис-делегација од Канада на Северна Македонија, додавајќи дека има значително поголем потенцијал за економска соработка и во иднина особено повеќе ќе се посветат на оваа тема.
„Иако географски оддалечени, нашите две земји силно ги поврзува нашата многубројна дијаспора во Канада, главно, лоцирана во државата Онтарио. Тие се горди жители на една мултиетничка и просперитетна држава како Канада, но истовремено и горди на своите корени од Северна Македонија. Нивната улога во зајакнувањето на билатералните односи и соработка е особено значајна и уверен сум дека силната поддршка од канадските власти и преку нивните многубројните активности и во иднина ќе продолжат да ги приближуваат народите од нашите две пријателски земји“, рече Османи.
Министерката за надворешни работи на Канада, Жоли, рече дека на состанокот се разговарало за многу теми, меѓу кои ја истакна соработката во рамките на НАТО-алијансата.
Таа ѝ се заблагодари на Северна Македонија за учеството на нејзините сили во рамките на Зајакнатото истурено присуство во Латвија, каде што рамковна нација е Канада.
„Како што знаете многу добро, светот е под предизвик во последните 18 месеци и оваа важна посета на Словенија, Северна Македонија и Албанија доаѓа во клучен момент. Низ светот гледаме растечка смелост од страна на авторитарните владетели, користење на информациите како оружје и демократии што се под закана. Канада има цел да ги поддржи демократиите што директно се погодени од неоправданата војна на Путин против Украина“, рече Жоли.
Таа ја поздрави улогата на Северна Македонија како конструктивен партнер на Западен Балкан.
Шефицата на канадската дипломатија, исто така, изрази поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, наведувајќи дека ниту една држава не може сама да го постигне тоа што повеќе држави можат да го постигнат заедно.
Во рамките на посетата министерката Жоли ќе се сретне со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и со премиерот Димитар Ковачевски.